Избор Македонија

Куманово доби свој сувенир

Куманово, 24. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Пиле копче, женски накит од традиционална женска народна носија од 20 век, карактеристична за кумановскиот регион е новиот сувенир на општина Куманово што е избран на овогодинешниот конкурс за сувенир на градот.

Денеска, градоначаникот, Максим Димитриевски и изработувачот на сувенирот, дизајнерот Јелена Спасовски потпишаа договор со кој општината се обврзува да го награди дизајнерот со 30.000 денари, додека уметникот ќе треба да изработи 10-тина примероци од овој сувенир, кој Општината ќе го користи при промоција на градот.

Украсот е изработен од срма, проткаен со кристалчиња, а дизајнерката се инспирирала од посетата на кумановскиот музеј.

Украсот, како што рече дизајнерката Спасовска, го носеле исклучиво невестите.

Градоначалникот Димитриевски изрази задоволство што имало голем број креативни луѓе кои пројавиле интерес за учество на конкурсот и кои изработуваат вакви дела.

Конкурсот беше објавен во рамки на програмата за општа туристичка пропаганда. Ова е втора година како се реализира, а годинава учествуваа десетина уметници. За потребите на конкурсот формирана беше комисија која го избра овој сувенир, со кој Куманово ќе се презентира во тековната година. (Крај)

извор: МИА фото: Општина Куманово