ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Поднесена номинацијата за прогласување на албанската страна од Охридското Езеро за светско наследство под УНЕСКО

Охрид, 2. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – И официјално поднесена е номинацијата за прогласување на албанската страна на регионот на Охридското Езеро за светско наследство под заштита на УНЕСКО.

Како што беше соопштено на Шестиот прекуграничен состанок на проектот „Зајакнување на управувањето со заедничкото прекугранично природно и културно наследство на регионот Охридско Езеро“, периодов експерти од албанските министерства за туризам и култура работеа на финализирање на потребната документација.

nominacija albanija– Ова е втората фаза од историскиот процес, а првата фаза беше реализирана во 2014-та година со прогласување на прекуграничен биосферен резерват Охрид-Преспа, потенцира Дејан Паноски, од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Проектот за заштита на делот од Охридското Езеро на албанска страна започна во 2014-та година. Паноски тогаш потенцира дека значењето на овој проект се состои во самата цел на неговата реализација, односно ставање на албанската страна на Охридското Езеро под заштита на УНЕСКО со што би требало да се создаде и обврска покрај статусот, за поголем процент на заштита на езерото од албанска страна.

Македонскиот дел од Охридското Езеро е под заштита на УНЕСКО уште од 1979 година. Според најавите се очекува  во 2019-та година и албанската страна од езерото да биде ставена под заштита на УНЕСКО, што ќе значи преземање на обврски и на интегрална заштита. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива/fb