Избор Охрид Партии

ВМРО-ДПМНЕ: Наместо демагогија, од СДСМ да ја проверат законитоста на градежните работи на Али-пашината џамија

Охрид, 8. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Демагогијата и празната реторика им ги оставаме на СДСМ. Крајно време е да сфатат дека се на власт и да престанат да се однесуваат како опозиција. Нивната задача е да ја проверат законитоста на градежните работи на Али-пашината џамија што се вршат надвор и спротивно од целосно донесениот законски проект, стои во контра-реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид на изнесеното во дописот до медиумите од ОК на СДСМ.

– СДСМ повторно ја политизираше културата и културното наследство, и ја потцени и девалвираше работата на институциите и стручните лица кои долги години работеле на локалитетите за заштита на културното наследство. ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла сите обвинувања соопштени од страна на СДСМ, а со тоа докажувајќи ја својата елементарна некомпетентност за работите кои се обидува да ги коментира. Јавноста треба да знае и затоа укажуваме дека Министерството за култура и Заводот за музеј се задолжени да вршат конзерваторски надзор на објектот, исто како што и Управата за заштита на културно наследство и Државниот градежен инспекторат треба да извршат комплетен увид и инспекциски надвор на лице место, а со тоа да констатираат дали сите работи кои се изведуваат на ваков тип на објекти се изведуваат согласно Законот за заштита на културно наследство. СДСМ и Алаѓозовски успеаа да се заплеткаат во лавиринтот на својата нестручност. Каква е таа несериозност од министерот и контрадикторност, најпрво дека е стопирана изградбата за по два месеца и јавно изнесената лага да формира група што ќе каже дека нема никаква основа за стопирање на работите што јасно ни укажува на целосната законитост на проектот? Единствено што треба СДСМ да направи е да се произнесе со јасен став: Дали се врши злоупотреба на целосниот проект за реставрација и реконструкција со помош на нови градби и доградби? СДСМ е партија која зад себе нема оставено ниту еден значаен проект од областа на културата, и со кој кредибилитет, претставниците на оваа партија се дрзнуваат да ги коментираат проектите на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, реагираат од партијата.

Додаваат дека во тие проекти се заштитувале локалитети како од христијанска така и исламската архитектура.

– Покрај Али-пашината џамија, интервенирано е и на многу други објекти од исламската архитектура. Извршена е конзервација на Турбето на Синан Челеби на Плаошник, џамијата кај вториот Чинар, џамијата Хаџи Хамза, џамијата Хаџи Дургут, џамијата спроти Амамот Воска, извршена е конзервацијата на Теќето Зејнел Абедин-паша. Охриѓани имаат можност на дело да се уверат во насилничкиот однос на СДСМ кон македонското културно наследство и негирањето на сопствената историја и култура. Место за споредба нема. Делата говорат се`. Апелирме во иднина посериозно да ја разработуваат содржината на текстовите подготвени од нивните партиски ментори од централа, стои во дописот до медиумите на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива