Избор Локална самоуправа

Со бесплатно користење на спортската инфраструктура, од ЈП „Билјанини извори“ ќе им помагаат на младите спортисти

Охрид, 9. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Врз основа на Статутот на ЈП „Билјанини извори“, а по одлуката на УО, од ова јавно претпријатие објавуваат конкурс на кој право на учество имаат сите спортски клубови од индивидуалните спортови кои се на територија на Општина Охрид.

Конкурсот има за цел поддршка на предложениот проект за инфраструктурна поддршка на младите и талентирани спортисти на територија на Општина Охрид, предложен од страна на в.д. директорката на ЈП „Билјанини извори“ Гордана Јованоска

– ЈП „Билјанини извори“ во текот на минатите неколку месеци ја согледа потребата за поддршка на спортските клубови во делот на користењето на инфраструктурата, а се` со цел да им се овозможат подобри тренажни услови на најмладите и најталентираните спортисти. Поддршката која сакаме да ја овозможиме со овој конкурс е бесплатно користење на спортската инфраструктура (два термини неделно) која ја поседува СРЦ „Билјанини извори“ и тоа во текот на целата календарска година. Термините дополнително ќе се договорат заедно со избраните корисници од овој конкурс. Со јавниот повик за учество на конкурсот ЈП „Билјанини извори“ вложува во иднината на сегашните и идни генерации на спортисти и сака да постане активен поддржувач и пријател на спортските клубови. Убедени сме дека во иднина соработката уште повеќе ќе се интензивира на задоволство пред се на спортистите, информираат од ова јавно претпријатие.

Додаваат дека конкурсот е наменет за сите талентирани деца членови на клубовите на возраст до 16 години (заклучно со последниот ден на конкурсот) кои имаат остварено забележителни резултати и успеси на националните и меѓународните првенства и натпревари.

– Конкурсот ќе трае 5 работни денови започнувајќи од понеделник 12-ти февруари, а последниот ден за аплицирање е петок 16-ти февруари, до 15:00 часот. Сите клубови кои сакаат да аплицираат и учествуваат на конкурсот треба да достават официјален предлог со приложено портфолио на кандидатот/тите, потпишан и заверен од страна на клубот и да го достават во горенаведениот рок во дирекцијата на ЈП „Билјанини извори“, информират одговорните. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива