Избор Локална самоуправа Охрид

Општина Охрид ќе добие средства за зајакнување на општинскиот совет

Скопје, 9. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалниците и претседателите на советите на шесте општини: Охрид, Струмица, Валандово, Свети Николе, Велес и Чаир, денес потпишаа меморандуми за соработка во рамките на Проектот за зајакнување на општинските совети.

– Овој проект се реализира во време кога им е најпотребен на членовите на општинските совети, на почетокот на мандатот. Значаен е затоа што за првпат е посветено сериозно внимание на Советот на општината, орган што има исклучителна улога како контролен механизам на работата на градоначалникот, но и за развојот на локалната демократија, преку претставување на интересите на граѓаните, во консултација со граѓаните, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

Покрај обуките на членовите на советите, проектот обезбедува грантови во вредност од 50.000 долари за секоја општина, за реализација на проекти коишто ќе бидат одбрани во консултација со граѓаните. Исто така се обезбедени и грантови во вредност од 12.000 долари за општина, за развивање алатки за транспарентно и отчетно работење.

– Нашето мото е Министерство отворено за општините и општини отворени за граѓаните. На локално ниво се градат основните демократски вредности, локалната демократија е услов за градење демократско општество. Токму затоа членовите на советите треба да се луѓе коишто се отворени кон граѓаните со разбирање на сопствената улога во системот на управување и со информации коишто ќе им помогнат да ја вршат својата функција на одговорен и транспарентен начин, рече министерот Фазлиу.

Во првата фаза од проектот, финансиран од швајцарската влада, во имплементација на УНДП се опфатени шест, а до крајот вкупно 24 општини. (Крај)

извор: Макфакс фото: Макфакс