Њујорк, 27. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Гигантот „Амазон“ лани остварил профит во САД од 5,6 милијарди долари, но не уплатил ниту цент данок во американскиот буџет.
Користејќи најразлични даночни олеснувања и правни дупки, компанијата на најбогатиот човек на светот Џеф Безос, буквално се „ослобидила“ од обврската за плаќање данок. Безос, чие лично богатство се проценува на 108 милијарди долари, постојано успева да го изигра американскиот даночен систем.
Се прашувате како е возможно тоа? „Амазон“ очекува да добие „џек-пот“ од околу 789 милиони долари од републиканскиот закон за даноци. И додека Безос, како и останатите либерални капиталисти, тврди дека не се согласува со политиката на Доналд Трамп, тој тивко профитира од републиканските регресивни даночни олеснувања. Глобалното седиште на „Амазон“ не е, како што повеќето веруваат, во Сиетел, туку во малата државичка Луксембург.
Европската Унија го обвини Луксембург дека му обезбедила нелегални даночни олеснувања на „Амазон“ и и` нареди на земјата да земе назад од компанијата околу 295 милиони долари. Експертот Метју Гарднер, од Инстутот за оданочување и економска политика, оценува дека „Амазон“ успеал ефективно да го сведе својот федерален данок на нула, искористувајќи најразлични даночни бенефиции.
Опсесијата на Безос со избегнувањето на даноци датира уште од самиот почеток на „Амазон“. Тој во 1995 година првично сакаше да го изгради американското седише на „Амазон“ во индијански резерват во близина на Сан Франциско, бидејќи нудеше даночни олеснувања. Но Калифорнија го запре реализирањето на договорот. Безос сега сака повторно да го стори истото. „Амазон“ е во процес на борање уште еден американски град за второто седиште, понуда што е толку профитабилна, па градовите буквално се натпреваруваат меѓу себе за кој ќе понуди помали даноци. Безос стана најбогатиот човек на светот преку изигрување на системот, продавајќи ги неговите производи по вештачко ниски цени, исфрлајќи ги од игра помалите компании, и искористувајќи што е можно повеќе правни дупки за да избегне плаќање даноци, пишува порталот Splinternews. (Крај)
извор: Фактор фото: архива