ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Охрид, Прилеп и Берово лидери во управување со отпад

Охрид, 7. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Само три од вкупно 80 општини во земјава можат да се пофалат дека добро управуваат со отпадот. Останатите немаат покажано волја да преземат одговорност за имплементирање на законските обврски за селектирање и рециклирање на отпад од пакување, собирање на батерии и акумулатори. Ова беше соопштено на денешната прес-конференцијa на Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад.

Од Асоцијацијата сметаат дека е добро што Владата одлучи времено да го преземе од општините управувањето со отпадот, со што, сметаат тие, ќе се придонесе за побрзо решавање на проблемот со отпадот.

– Општините Прилеп, Берово и Охрид се позитивен пример за постапување со отпад. Соработката со нив оди многу добро, а тоа мислам дека зависи од волјата на градоначалниците да се имплементираат законските обврски што не би требало да биде така. Дел од општините дури не прифаќаат да потпишат договор за определување на место за кантите за селектиран отпад или ако ги има поставено јавните претпријатија не го собираат,  вели Филип Ивановски, претседател на Асоцијацијата.

Компаниите кои управуваат со амбалажен отпад посочуваат и дека најголемиот дел од јавните комунални претпријатија во општините не располагаат со соодветна механизација за да можат да одговорат на поставените обврски.
Ивановски тврди дека законските решенија во земјава се добри и целосно усогласени со европското законодавство, но имплементацијата оди бавно.

На годишно ниво во земјава се создаваат 800.000 тони отпад. 50 отсто од овој отпад е влажен отпад кој може да се компостира. Дури 100.000 тони е амбалажен отпад од кој се собира само 30 до 35.000 тони и 15.000 тони е електронски отпад. (Крај)

извор: Плусинфо фото: архива