Избор Охрид

Од Охрид SOS велат продолжува издавањето одобренија за градење на крајбрежјето, градоначалникот дециден мораториум за градење нема

Охрид, 12. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Мерките за заштита на Охридското езеро и регионот не се преземени до крај, велат од граѓанската иницијатива Охрид SOS. Тие ја поздравија одлуката на Владата за откажување на планот за изградба на експресен пат и ски центар на Галичица, но велат една од клучните препораки на УНЕСКО – прогласување на мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи не е испочитувана.

– Може да се забележи дека се продолжува со градењето и издавањето одобренија за градење на крајбрежјето, а легализацијата на бесправно изградени објекти се практикува во континуитет со што урбанизацијата во регионот слободно може да се констатира дека се одвива неплански. Индикативно е натамошното издавање одобренија за градење и градењето врз основа на т.н. Општ акт за село Лагадин, врз основа на кој беше издадено и одобрението за градба на спорниот хотел во Лагадин. Крајно неразбирливо е како наместо со урбанистички план уредувањето на градењето на вака значаен дел од крајбрежјето се регулира со Општ акт, кој претставува уредба со која се даваат насоки за градење во села и подрачја за кои нема и никогаш не бил изработен урбанистички план (се носи, како на пример, за селата во охридско – Сирула, Плаќе, Опеница, Куратица), но не и да се носи за Лагадин бидејќи за Лагадин постоел и постои урбанистички план, пишуваат од Охрид SOS.

Градоначалникот Јован Стојаноски по однос на изнесеното рече дека мораториум за градење нема, туку едноставно се само препораките на УНЕСКО да се донесат урбанистичките планови за 19-те региони во старото градско јадро. Тоа не значи дека нема да има одобренија за градба за оние објекти кои се во согласност со актуелните урбанистички планови и за оние кои одговараат на амбиентот на Охрид.

jovanstojanoski

– Можеби и ние би биле среќни да има мораториум да се средат ситуациите да се консолидира урбанистичкото пшланирање и да продолжи во оној посакуван правец. Меѓутоа во овој момент ни според закон ниту препораките на УНЕСКО се да има мораториум за градење, рече Стојаноски.

Што се однесува до спорниот објект во Лагадин, Стојаноски рече дека хотелот не може да се гради затоа што му е одземено одобрението за градење.

– Општите акти се поништија со донесување на новиот закон. Ако мислат конкретно на одобрението за градење на хотелот во Лагадин, ние донесовме одлука со која се поништува одобрението. Сето тоа оди понатаму на второстепена комисија во Министерството за транспорт и врски. Ако и тие одлучат исто, тогаш останува на инвеститорот да поведе управен спор, истакна Стојаноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес