ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Дебрца со Еко-револуција против изградбата на депонија

Охрид, 29. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Жителите на Дебрца отворено застануваат против идејата за изградба на депонија на територијата на оваа општина.

Тие се организираат и веќе е формирано Координативното тело, кое има за цел да се спречи изградба на регионална депонија и најавуваат проекти и настани со цел јавно да покажат дека како жители на Дебрца, во координација со локалната самоуправа, се решени да истраат до крај во намерата Дебрца да остане еколошки чиста и заштитена средина, без можност за сквернавење на нејзината природна еко рамнотежа.

– Ги повикуваме сите жители на општината, како и сите кои потекнуваат од Дебрца, сите вљубеници на убавините на Охридското езеро, еколошки здруженија и сродни организации, пратениците на Републичкото собрание, советниците на општина Охрид, Градоначалникот на Охрид, сите стручни лица и релевантни институции, да се вклучат активно во овој процес на еколошка заштита на овој регион, а пред се во заштита на нашето здравје и нашите животи како и на нашите идни генерации. За сите наши чекори и предвидени активности, Координативното тело навремено ќе информира и повикува преку Славна Дебрца во Еко-Револуција, порачуваат организаторите на нивниот официјален профил на Facebook.

Паралелно со последните локални избори на ниво на општина Дебрца се спроведе и референдум на кој граѓаните имаа можност да ја изразат својата волја дали се за или против изградба на регионална депонија за цврст отпад на територијата на општината. Од вкупно запишаните 4.625 граѓани во избирачкиот список, на референдум излеглоа 3.149 граѓани или 68%. Од излезените граѓани против изградба на регионална депонија се изјасниле 2.746 или 87%, додека за изградба се изјасниле 297 или 13% од вкупно излезените граѓани.

Градоначалникот на oпштина Дебрца, Зоран Ногачески изјави дека целосно ќе ја почитува волјата на граѓаните кои на референдум се изјаснија против изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје. Ногачески таквиот став го изнел и на средбата на премиерот и министерот за животна средина со градоначалниците, посветена на решавањето на проблемот со депонирањето и третманот на цврстиот отпад.

Во меѓувреме својот глас за чиста Дебрца го кренаа и многу видни интелектуалци и граѓани кои потекнуваат од овој крај. Последен со реакција се јави писателот и амбасадор Трајан Петровски, кој преку отворено писмо до Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев испрати апел да не се гради Депонија во Дебрца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива