Забава Избор

Некои од најпознатите шеги за 1-ви април

Охрид, 1. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Иако не е официјален празник, 1-ви април се слави низ цел свет како ден исполнет со практични шеги, најчесто пропратени со лаги.

Потеклото на одбележување на овој ден не е точно познат и постојат различни претпоставки зошто се слави токму на први април. Во 16-ти век, во Франција, Нова година се славела на први април. И во литературата има многу примери за славење на овој ден, додека најлогично објаснување зошто воопшто се прославува Денот на шегата е заради промената на сезоните и славење на пролетта низ шега и добро расположение.

Најчест вид на првоаприлски шеги се оние практичните. На пример, во утринското кафе на некого да му ставите сол наместо шеќер, да му ги наместите сите часовници многу порано или подоцна за да направите шега и да ги збуните оние околу вас и слично. Целта не е некој да се навреди или налути, туку сите да се забавуваат и да се смеат. Сепак, одбележувањето на овој ден на некои им пречи. Кинезите, поточно Кинеската комунистичка партија, минатата година се изјасни дека овој ден не е во склад со кинеската култура и традиција.

April-Fools-Day-Origin-and-Celebration

Во секој случај, овој е еден од најзабавните денови во годината. Во прилог прочитајте ги некои од најпознатите светски шеги:

Лажен вулкан
Во 1974 година на овој ден, жителите на Алјаска се разбудиле со застрашувачка слика на активиран вулкан кој испушта чад. Паниката била голема, бидејќи за тој вулкан се знаело дека не е активен. Всушност станувало збор за практична шега од страна на Порки Бикар којшто во кратерот запалил автомобилски гуми чиј густ црн чад личел на ерупција. Неколку години подоцна навистина се случила ерупција на соседниот вулкан и претставувало проблем да се убедат жителите дека не станува збор за шега.

Гравитацијата ќе исчезне
Британскиот астроном Патрик Мур, за време на своето интервју за радио Би Би Си 2, во 1976 година, изјавил дека утрото на први април заради израмнување на планетите Плутон и Јупитер, ќе дојде до нарушување на гравитацијата на Земјата. Доколку токму во тој момент луѓето скокнат, ќе почувствуваат како изгледа да се лебди во бестежинска состојба. Телефонот во радиото започнал да ѕвони постојано, а се јавувале луѓе коишто почувствувале како е да се лебди во удобноста на својот дом.

Дрво со шпагети
Во 1957 година, телевизиската куќа Би Би Си прикажала прилог за жетвата на шпагети во Швајцарија. Прилогот прикажувал швеѓани како собираат шпагети од дрво, а плодната жетва била благодарение на топлата зима таа година. Оваа шега се смета за една од најуспешните шеги на која „паднале“ многу гледачи. Се јавиле многу заинтересирани како можат да посадат вакво дрво што раѓа шпагети, а најчест одговор бил да земат конзерва со сос во која ќе стават семе за шпагети и ќе го чекаат да никне. (Крај)

извор: pharmanews.mk фото: архива