Избор Охрид Партии

Пет месеци по победата: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во медиумите и на социјалните мрежи во Охрид

Охрид, 1. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Модерното време носи нови можности и начини како политичарите ги испраќаат пораките до граѓаните. Иако се` уште се користат традиционалните методи, сепак забележливо е се` поголемото користење и препознавање на моќта на интернетот, а особено на социјалните мрежи меѓу кои и најпопуларната – Facebook.

Супер радио и OhridPress направија мини-анализа на активноста на двете најголеми политички партии во Охрид – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ пет месеци по последните локални избори на кои дојде до смена на власта.

Она што може на прв поглед да се забележи е огромната разлика во испратените пораки, дописи, реакции и контра-реакции од партиите до медиумите. По последните локални избори на кои победата ја однесе СДСМ и нивниот кандидат Проф. Д-р Јован Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ имаше еден период во кој најверојатно ги консолидираа редовите, по што започнаа со укажување, на според нив, недоследностите во работата на новата локална самоуправа, Градоначалникот и особено СДСМ како партија на локално и централно ниво.

Во периодот од крајот на октомври, кога завршија изборите до денес, од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид до медиумите испратиле 33 соопштенија во кои укажуваат на проблеми од аспект на вработувањата и отпуштањата на партиски кадри, екологијата, управувањето со градот и сл. Во истиот период од ОО на СДСМ од Охрид до јавноста со реакција на изнесеното од страна на опозицијата се обратиле само 5 пати. Голем дел од прес конференциите на ВМРО-ДПМНЕ ги одржа претседателот на ОК Кирил Пецаков, кој е на функцијата од средината на април минатата година. Пецаков држеше и дел од прес конференциите на централно ниво на партијата, кои се одржуваа во Централата во Скопје.

Од друга страна, новиот претседател на ОО на СДСМ од Охрид Лазе Танески, кој на оваа функција е од крајот на декември минатата година, до овој момент се нема обратено лично до јавноста на прес конференција, а забележителна е и малата негова и воопшто на партијата, застапеност во локалните и државните медиуми. Целиот товар во моментов е на градоначалникот Стојаноски, од чиј тим најчесто не испраќаат реакции на дописите од опозицијата во кои е спомнат, а ставовите се соопштуваат најчесто на прес конференции, закажани по други теми, а како одговори на прашања на новинарите.

sdsmfbШто се однесува до социјалните медиуми, односно Facebook како најмоќен во моментов, ОО на СДСМ од Охрид има 5.205 лица кои ги следат активностите кои се објавуваат преку нивната официјална страна. Забележително е дека има активност на страната, редовно се ажурира, но најчесто со информации кои се споделуваат од профилите на Владата, министрите, Премиерот Зоран Заев или одредени министерства. Последната информација која се однесува на Охрид е од 21-ви март и истата се однесува на одлуката која беше донесена на 60-та седница Владата на Република Македонија, на која се разгледа и усвои Информацијата за потребата од ре-прогласување на Охридско Езеро и прогласување на Студенчишко Блато за заштитени подрачја и нивно номинирање во Светската Рамсарска Листа. Сепак, и оваа информација е превземена вест од официјалната веб страна на Владата на Република Македонија.

vmrofbОд ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид во моментов на нивната официјална страна на Facebook имаат 4.582 поддржувачи. Истата се ажурира редовно и се објавуваат најчесто фотографии и целосниот текст од прес конференциите. Од партијата забележително е дека се споделуваат и објавени вести на локални и државни медиуми и интернет портали, со информации кои ја следат линијата на партијата. Често се споделуваат и информации кои се однесуваат на функционирањето на партијата и на државно ниво, а се следи и работата на првиот човек на партијата Христијан Мицковски и Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Напомена – податоците се од 01.04.2018 година во 14:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива