Избор Охрид Струга

Максимален испуст на вода од Охридското Езеро во Црн Дрим

Охрид, 2. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – По одржаната седница на Регионалниот штаб за управување со кризи-Охрид, во врска со најавениот засилен ветар и врнежи во охридската котлина, донесени се заклучоци за преземање на соодветни мерки за превенција.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека се врши максимален испуст на вода од Охридското Езеро во реката Црн Дрим, а извршено е и пренасочување на река Сатеска директно кон Црн Дрим. За состојбата известени се угостителските објекти кои се лоцирани близу крајбрежјето на Охрид и Струга. Исто така, наведуваат од ЦУК, ќе се врши засилена контрола на патниот правец Струга-Дебар во село Луково поради зголемениот истек на вода од испустот на браната Глобочица.

– Состојбата будно се следи од страна на сите субјекти на ЦУК, кои ќе преземаат соодветни мерки за санирање на евентуални настанати ризици и опасности, велат од ЦУК.

Според најавите од УХРМ, денеска и утре се очекуваат врнежи на дожд во количина од 20 литри на метар квадратен. Врнежите ќе бидат поинтензивни утре наутро кога ќе дува силен јужен ветар со брзина од 80 километри на час.

– Ова ќе предизвика нагло зголемување на дотекот на вода во сливното подрачје на реката Црн Дрим, особено на профилот на браната Глобочица. Најголемите протеци на вода добиени според анализите правени согласно со метеоролошката прогноза се очекува да бидат утре, околу 06 часот изутрина, а ќе траат до попладневните часови, истиот ден кога се очекува стабилизрање на истеците на вода, велат од ЦУК.

Пред две недели силен ветер го разбранува Охридското Езеро, предизвикувајќи штети на кејот, но и кај кафулињата и рестораните лоцирани во крајбрежјето. (Крај)

извор: Макфакс фото: ОхридПрес