Спорт

По Агаси, Ѓоковиќ се раздели и со Радек Штепанек

Монте Карло, 6. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Радек Штепанек повеќе не е дел од стручниот штаб на Новак Ѓоковиќ. Веста ја објави тимот на српскиот тенисер и во неа е наведено дека разделбата била договорена по Мастерсот во Мајами.

„Приватните односи со Радек беа и ќе останат одлични. Новак уживаше да работи и да учи со него. Исклучително е благодарен на поддршката што ја добиваше од Радек во сиот изминат период“, стои во соопштението потпишано од тимот на Ѓоковиќ.

Притоа се нагласува дека фокусот на српскиот ас е насочен кон напредок, но и желбата за посилно и поодлучно враќање на АТП турот по долгиот период на рехабилитација по повредата што несомнено има влијание врз неговата самодоверба.

По кусиот одмор со семејството, Ѓоковиќ планира да почне со подготовки за сезоната на земја во обид да ја врати победничката форма за претстојните настапи. Но, не е наведено со кого ќе работи со оглед дека претходно се раздели и со Андре Агаси. (Крај)

извор: НоваТв фото: архива