Спорт

Вардар ја потврди доминацијата во СЕХА лигата

Скопје, 16. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Ракометарите на Вардар ја одбранија титулата во регионалната СЕХА лига. Завршниот турнир од петокот до синоќа се одржуваше во СЦ „јане Сандански“ во Скопје, а Вардар во финалето го победи ППД Загреб 26:24 (14:13).

Вардар ја оправда фаворитската улога на завршниот турнир иако во финалето Загреб успеа да му пружи отпор на актуелниот шампион. Црвено-црните победата во финалето ја обезбедија во завршните 10 минути од натпреварот.

Вардар го предводеа Циндриќ и Кристопанс со по пет гола, додека Загреб во името на Хорват го имаше најефикасниот играч на мечот. Капитенот на Загреб постигна осум гола.

Црвено-црните ја освоија четвртата титула во СЕХА лигата, во сезоната во која поставија апсолутен рекорд во регионалното натпреварување. Вардар во регуларниот дел забележа 17 победи, а еден меч одигра нерешено.

Третото место го освои дебитантот на завршните турнири, Целје. Екипата од Словенија во „малото финале“ го победи Мешков Брест со 31:28. (Крај)

извор: ТопСпорт фото: Сеха