Избор Култура Охрид

Преку песна се испрати порака: Децата Роми се исти како како и останатите деца

Охрид, 16. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – „Засекогаш“ е насловот на песната која ја изведуваат четири тинејџери од ромска националност, кои потекнуваат од социјално-загрозени семејства од Охрид, преку која праќаат порака луѓето да гледаат на децата Роми, како и на останатите деца.

На иницијатива на Здружението за развој на културно – уметнички вредности „Тактус“, а по повод 8-ми април – Светскиот ден на Ромите, песната беше снимена во рамките на проектот „Вложувајќи во децата, вложуваш во својата иднина“. Идејата беше да се направи песна преку која ќе се прати порака и децата Роми да ги гледаме како и сите други деца, без предрасуди, вели за Супер радио и OhridPress, Снежана Караџовска – Попова, претседател на Здружението „Тактус“.

– Пораката на песната е да нема детство со солзи, да нема детство со страдање, бидејќи секое дете заслужува безгрижно и среќно детство. Со музика сакаме да им порачаме на луѓето да бидат љубезни, да имаат разбирање за Ромските деца кои ги гледаат по улиците и да покажат кон нив милост и добрина, а не да бидат груби. Голема благодарност и до наставничката Јулијана Милеска, која работи со децата Роми и им помага во училишните обврски, вели Караџовска – Попова која ги напиша текстот и музиката, аранжманот е на Димче Киторзоски, во чие студио беше и снимена.

Се планира наскоро за песната да се сними и видео спот. Во соработка со заедницата на Роми во Дебар, договорено е таму децата да имаат настап за празникот Ѓурѓовден, со што ќе биде и официјално промовирана песната. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива