ЕКОЛОГИЈА Избор Општина Дебрца Охрид

Започна протестот против намерата за изградба на депонија во Дебрца (Фото)

Охрид, 22. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со биење на црковните кампни и блокада на сообраќајот на автопатот Охрид-Скопје, нешто по 12:00 часот започна големиот еколошки бунт на жителите од општина Дебрца, против владината намера за изградба на регионална депонија кај селото Годивје.

Протестот се одржува во атарот на селото Ботун, кај местото викано „Царополе“, кај бензиската на ОКТА, каде е веќе во прекин сообраќајот до 14:00 часот, се` додека трае големиот протест. Жителите на Дебрца истакнаа и транспаренти со јасни пораки до одговорните: „Премиере не играјте си со нашето трпение“, „Откажете се од вашиот гнасен проект за Годивје, или Дебца ќе гори“…

protestdebrca2 Тие претходно обезбедија широк простор, на кој ќе можат да се паркираат и до илјада лесни возила, додека автобусите на неколку превозници, постојано ќе сообраќајат на релацијата до Охрид и назад.

Во подготовките за протестот беше вклучена и локалната самоуправа од општина Дебрца, иако раководена од градоначалник од редовите на СДСМ и со Совет со мнозинство на истата партија. Советот на општина Дебрца, претходно, едногласно ја отфрли одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија. Од Советот се огласија дека се решени да истраат до крај во намерата Дебрца да остане еколошки чиста и заштитена средина, без можност за сквернавење на нејзината природна еко рамнотежа.

protestdebrca3Советниците, изгласаа заклучок целост да ја почитуваат волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение. Од вкупно запишаните 4.625 граѓани во избирачкиот список, на референдум излеглоа 3.149 граѓани, или 68 проценти. Од излезените граѓани против изградба на регионална депонија се изјасниле 2.746 или 87 проценти, додека за изградба се изјасниле 297 или 13 посто од вкупно излезените граѓани.

Покрај референдумот, жителите на Дебрца го држат за збор и тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер, Зоран Заев, кој на предизборен митинг во Белчишта, седиштето на општината, јавно вети дека ќе се заложи да не се гради планираната депонија во Годивје.

protestdebrca4Идејата за регионална депонија во Дебрца е стара неколку години. Најнапред, со средства на ЕУ, беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени 4 локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува село Годивје во општина Дебрца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес