Економија Избор Охрид

Во присуство на државниот врв свечено отворен хотелот Unique во Охрид

Охрид, 12. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, вчера присуствуваше на отворање на хотелот Unique во Охрид.

Поздравувајќи ги присутните гости, меѓу кои беа и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за здравство, Венко Филипче, министерот за внатрешни работи, како и претставници на локалната администрација со градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, Заев упатати искрени честитки и желби за почеток на успешна и плодоносна работа на сопствениците и менаџментот на новиот туристичко-угостителски капацитет.

Во оваа прилика, премиерот рече дека оваа инвестиција е доказ дека веќе докажани компании влегуваат со своите инвестиции, помагајќи ја севкупната инвестициона активност во Македонија.

Тој во своето поздравно обраќање, истакна дека новите инвестиции се нова вредност во економијата. Како и тоа дека ова е потврда дека деловната клима се стабилизира и дека се отвораат можности за нови инвестиции, а со тоа и нови работни места.

– Ова е охрабрување за сите наши домашни инвеститори, градители, изведувачи, сето она што ќе го заработат да го остават овде во Македонија, за да им остават на наредните генерации подобри можности, рече премиерот Заев.

Тој ги истакна заложбите и политичката волја на Владата да гради партнерски однос со бизнис заедницата, преку редовна и интензивна комуникација за потребите на бизнисот и за унапредување на економијата. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива