Избор Култура ОБРАЗОВАНИЕ Охрид

Премиерна проекција на филмот „До инклузивност со соработка“ во Охрид

Охрид, 30. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, утре ќе се одржи премиерната проекција на документарниот филм „До инклузивност со соработка“, што се снимаше во инклузивното ОУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид.

– Документарецот во продукција на здружението „Сината птица“, поддржан од „Фондацијата Отворено општество Македонија“, ги бележи иновативните инклузивни практики на училиштето, со посебен акцент на сензибилизацијата на типичните ученици за потребите и потешкотиите со кои се соочуваат нивните соученици со попреченост. Режијата на филмот е на Ана Глигорова која е и косценарист на филмот. На проекцијата ќе присуствува и ќе говори и градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски кој ќе ги претстави заложбите на општина Охрид за подобрување на процесот на инклузија на лицата со пореченост (посебно во училиштата), информираат организаторите.

Филмот ја следи интимната приказна на Николина Новакова, ученичка со попреченост во осмо одделение во училиштето, надополнета со искуствата на педагогот Славица Илиќ, еден од инцијаторите и спроведувачите на концептот на сензибилизиација на типичните ученици.

–  Бевме позитивно изненадени кога во текот на едно наше истражување во Охрид, наидовме на училиште кое негува повеќедецениска инклузивна практика и претставува топла и пријателска средина за учениците со попреченост. Она што не` мотивираше да го направиме овој документарец, е неверојатниот ентузијазам и посветеност на целиот инклузивен тим на училиштето, кој со своите напори укажува на тоа дека инклузијата на учениците со попреченост не е само законски облигаторна, туку е и жив, активен процес  во кој личната иновативност, пожртвуваност и мотивираност се од огромно значење. Да се види инклузијата на дело, без речиси никаква системска поддршка е раритет,предизвик и пример за другите училишта, вели Мимоза Петревска Георгиева, претседателка на здружението „Сината птица“.

Покрај условите-асистивната технологија, сензорната соба и другите ресурси што ги користи училишнтиот тим за да создаде вистински инклузивна средина за ученици со различни попречености, филмот ги документира и меѓучовечките односи на учениците со и без попреченост и напорите на целата училишна заедница да ги интегрира учениците со попреченост во донесувањето на сите важни одлуки за училиштето. По проекцијата на филмот ќе следи дебата на која инклузивниот тим од ОУ „Св. Климент Охридски“ ќе ги сподели своите искуства со присутните.

По проекцијата, ДВД копии од филмот ќе бидат поделени на претставници од Основните училишта кои негуваат инклузивни практики и други заинтересирани. Копии од филмот ќе бидат доставени и до Минстерството за образование, Бирото за образование, Министерството за труд и социјална политика и амбасадите кои го поддржуваат процесот на инклузија во образованието. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива