ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Охрид го одбележува Светскиот ден на животната средина

Охрид, 5. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со повеќе активности Охрид го одбележува 5-ти јуни, Светскиот ден на животната средина.

Во рамки на акцијата „Цветни балкони – Цветен Охрид“ вчера и денес на граѓаните им се делат жардиниери со саксиско цвеќе, а во соработка со основните и средните училишта се спроведува и акција за собирање стара хартија. Во акцијата може да вклучат и сите граѓани и институции од  Охрид, кои отпадната хартија можат да ја донесат до за нив најблиското училиште или во кругот на општинската зграда каде ќе биде поставен соодветен сад за собирање на хартијата.

cveke4851

Во одбележувањето на денешниот ден се вклучени и волонтерите на Црвениот крст, кои изработија и видео спот со мото „Прегрни ја природата, засади цвеќе – за поубав Охрид”.

Целта е што повеќе да се укаже на проблемите од областа на екологијата и да се влијае на подигањето на јавната свест на граѓаните за заштита на животната средина.

Придонес кон чиста животна средина дава и Супер радио со големата еко акција „Мој Охрид, чист Охрид“, за чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона, која ќе се одржи во сабота на 9-ти јуни. Од ден на ден се повеќе расте интересот и поддршката за акцијата. Потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“ е поделен на 8 реони. Оние кои досега се пријавени веќе се подлени по зоните, а сите останати можат да дојдат и самоиницијативно во зоната која е најблиску до нив. Акцијата е во насока на да покажеме дека имаме сенс за убавината и чистотата на градот.

Светскиот ден на животната средина е најзначајниот еколошки настан, кој се слави секоја година на 5-ти  јуни во повеќе од 100 земји ширум светот. Воспоставен е во 1972 година од страна на Генералното Собрание на Обединетите Нации и неговото одбележување и е доделено на Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива