Избор Локална самоуправа Охрид

По речиси четири децении во Охрид ќе се гради нова училишна зграда

Охрид, 5. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – По речиси четири децении во Охрид ќе се гради нова училишна зграда. Општина Охрид потпиша протокол за соработка со турската владина агенција за соработка и координација – ТИКА за изградба на нов објект на постојната локација на ОУ „Братство и Единство“.

Ќе имаме ново училиште со сите услови за работа во него, кое ќе биде благодет и за општината и за децата кои ќе учат во него, потенцира градоначалникот Јован Стојаноски.

– Според сите податоци кои ги имаме во 1980 година реновиран објектот на ОУ „Св.Климент Охридски“. Сега после 38 години повторно имаме нова училишна зграда на училиштето кое го отсликува мултиетничкиот и мултирелигиозниот карактер на нашата општина Охрид. Преговорите почнаа ноември/декември минатата година. Ова е потврда дека протоклот за соработка од 2005 година меѓу Владите на Македонија и Турција програмски се остварува, рече Стојаноски.

Претставникот на ТИКА за Балканот и Источна Европа,  Махмут Чевик подвлече дека од 2005 година досега ТИКА во земјава има реализирано бројни проекти во различни области (здравство, култура, образование, земјоделие…) за што се потрошени 70 милиони евра, а проектите продолжуваат и понатаму.

–  За да имаме квалитетни ученици треба да имаме квалитетен кадар. Ние од една страна ги подобруваме условите во училиштата, а од друга страна организираме и обуки за наставниците. Благодарам на градоначалникот, бидејќи Охрид има многу долга традиција, па ме радува тоа што имаме можност заеднички нешто да направиме за надградба на сите убави работи кои ги поседувате, рече Чевик.

Image may contain: sky and outdoorNo automatic alt text available.

Новата училишна зграда ќе се протега на површина од 5.845 м², како и спортска сала од 738 м², рече координаторот на ТИКА во Македонија, Ајтекин Ајден

– Објектот ќе има приземје и два ката. Призамјето ќе биде на 1 .595 м², ќе има две училници за ученици со посебни потреби, две за предшколска и четири за основците. Ќе има простории за помошен персонал, бифе, како и помошна просторија за спортската сала. На влезот во холот ќе има табла со предвидените активности за децата и наставниците. Првиот кат ќе се протега на површина од 1.530 м², ќе има девет училници, канцеларии за раководството и стручните служби на училиштето, ќе има наставничка канцеларија, библиотека, како и лифт за учениците со посебни потреби. Вториот кат ќе биде со иста површина и ќе има 12 училници и секако канцеларии. Во подрумот, кој ќе зафаќа 685 м², ќе има пет депоа и една котлара. Вкупно ќе има 29 училници, што значи ќе има капацитет за повеќе ученици. Секако покрај изградбата на објектот и модерната опрема која ќе ја има ќе биде донација од ТИКА, рече Ајден.

Од потпишувањето на протоколот произлегува договорот за донација, по што ќе следуваат оперативните работи кои општината треба да ги исполни, а тоа е рушење на постоечкиот објект, одобрение за градба. Првичната предлог идеја е направена од проектатнтот на ТИКА. Стручните служби од локалната ќе го разгледаат проектот, впрочем на крајот тие треба да го дадат и одобрението за градба на крајот, а одобрение треба да се добие и од охридскиот Завод и Музеј. Градоначалникот вети дека постапката ќе биде транспарентна и ќе бидат отворени за сите забелешки од страна на јавноста.

Стојаноски изрази надеж дека до почеток на новата учебна година ќе бидат започнати активностите и новата училишна зграда да биде завршена во текот на учебната 2018/2019 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес