Избор Охрид Партии

Мемед: Да не се дозволи младите и успешни кадри да ни се отселат од земјата

Охрид, 6. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Македонија на патот кон предизвикот за унапредувања на можностите за напредок на младите и креирање на можности за младинско вработување беше темата на денешната прес конференција на која зборуваше Вахид Мемед од ОО на Партијата за општествен и економски напредок ПОЕН.

– Младите се важен двигател на една држава и треба да се слушне мислењето поврзано со младинските активности, политики и гаранции, како и надминувањето на проблемот со младинската иселеност од државата и нашиот град, кој секојдневно завзема се` помасовен замав. Имено според истражување на Европскиот младински форум кое беше направено кон крајот на 2017 година за напредокот за младински можности се посочува дека индексот за напредок на младите во земјата е многу низок, односно дека Македонија се наоѓа на 35 место од 40 земји. Пред нас се Бугарија, Србија, Црна Гора, Абанија, а послабо рангирани од нас се Белорусија, Турција, Украина, Молдавија. Во топ  земји за напредок на младите се Норвешка, Финска, Данска, Швајцарија, Германија, Австрија, Белгија итн. Оттука и е се` поголемиот јаз и одлив на високо образован кадар на млади лица, кои своите квалитети успеваат да ги презентираат во земјите каде што има можност за тоа. Едните одат како студенти, а другите како работна сила, со желба за подобар животен стандард. Ние како партија за општествен и економски напредок, сметаме дека потребно е да се стопираат ваквите процеси и да не се дозволи младите и успешни кадри да ни се отселат од земјата, потребно е да се прават анализи и да  се зголемат мерките за поддршка на млади лица до 29 години и младите да се стимулираат што повеќе да се залагаат да работат и дообразуваат во нашата Македонија, истакна Мемед.

Тој додаде дека ги охрабрува младите да ги искористат мерките кои државата ги нуди на младите до 29 години, мерката „обука за стекнување на вештини за работа, мерката Практиканство“, за невработени млади до 29 години и невработени до 34 години евидентирани во АВРМ со најмалку средно образование без работно искуство, кои може да апицираат за учество во тримесечна или шестмесечна практична работа.

– „Субвенционирање плати“ е мерка која се однесува на невработени евидентирани во АВРМ кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот. Нејзини корисници може да бидат долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција), млади лица до 29 години, како и субвенциите од државата за отворање свој бизнис како и кредитирање на млади за сопствен бизнис, како и искористување на мерката за бизнис аксцелератори за млади и отварање на старт-ап компании од Фондот за иновации и технолошки развој. Истовремено, ги охрабруваме Владата на Република Македонија,  министерството за труд и социјална политика и  агенцијата за млади и спорт, да започнат постапка за спроведување на процесот на младинска гаранција и на територијата на град Охрид, како општина со највисок процент на иселеност на млади луѓе во државата. Барањето го упатуваме врз база на податоците кои говорат дека за само два месеци од реализацијата на овој проект во Скопје, Гостивар и Струмица, активно се вклучени над 800 млади, на кои им е дадена континуирана шанса за вработување, образование или практиканство. Ваквата мерка во нашиот град е итно потребна. Раководството на Поен бара и ги охрабрува  Општина Охрид и градоначалникот проф. д-р Јован Стојаноски да превземат конкретни чекори за повторно активирање  на  Локалниот совет на млади како консултативно тело на градоначалникот за развој на младинските политики на локално ниво. Убеден сум дека со преземањето вакви ефективни и ефикасни мерки значително ќе се придонесе кон задржување на  младите и тие ќе се стимулираат да останат во нашата држава. Притоа, дел од младата популација која е веќе во странство ќе сака да се врати во земјата и да го пренесе своето искуство и знаење, а со тоа и да се започне со свои бизниси и развој на претприемништвото. ПОЕН како дел од новата влада активно и неуморно ќе работи и ќе се залага за подобрување на моменталната ситуација во која се наоѓа младиот човек во Македонија, затоа што младите заслужуваат квалитетен живот во нашата држава, напомена Мемед од ПОЕН. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива