Избор Локална самоуправа Охрид

Советниците дадоа амин за зонското паркирање и новиот начин на наплата во Охрид

Охрид, 14. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридските советници го изгласаа зонското паркирање во Охрид и наплатата која ќе се одвива со испраќање на SMS пораки.

Се воведуваат три зони, А, Б и В, во кои еден час паркирање ќе чини 30, 20, односно 10 денари. Изминативе денови се слушнаа многу „за“ и многу „против“ по однос на зонското паркирање во Охрид и цените на чинење.

Според координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, Кирил Пецаков, ваквата одлука е скандалозна поради воведување на трета зона, односно паркирање секаде каде гравитираат голем број на возила, како и проширувањето на зоната А.

– Оние улици што досега беа А и Б зона, сега одат во А и ќе се наплаќа по повисока цена. Поврзано со ова, луѓето кои гравитираат во тие зони, посебно А, за која нема да постојат картички. Тоа значи ако некој живее на улица „Цар Самоил“ ќе може да земе картичка за паркирање во Б или В зона, што е воопшто нелогично, истакна Пецаков и додаде дека субјектот кој ќе го спроведе системот за SMS наплата веќе имал потпишан договор со ЈП „Билјанини извори“, уште пред и одлуката да биде донесена.

kiril pecakovТој подвлече дека зголемувањето на цените што го започнала оваа власт со зголемување на цените за вода, нискоградба, цената на нафтата, сега продолжува со цените за паркинг и проширување на зоните за наплата.

– Ова е уште еден дополнителен издаток за охриѓани. Сообраќаен хаос не се решава така. Како град треба да се стремиме Стар град да е зона без возила, а не зона каде ќе се наплаќа паркинг место. Потоа, треба да се согледа фрекфенција на возила во и вон сезона за да се види каде ќе се наплаќа. А жално е што како град немаме катна гаража, рече Пецаков.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Константин Георгиевски потенцира дека на одредени улици за кои опозицијата тврди дека се додадени, наплата на паркинг можело да се врши и досега, согласно одлуката на Советот од 2013 година, но истото не е направено.

konstantin georgievski– Интенција е да се воведе ред, а не финансиска добивка за ЈП „Билјанини извори“. Општината во овој случај не влегува во инвестиции, туку на тендер избраната фирма го отстапува софтверот за одреден процент од наплатата кој изнесува 14% и убедливо е најнизок во државата. Инаку договорот се потпишува за период од две години, вели Георгиевски.

Градоначалникот Јован Стојановски повтори дека со денешните одлуки се намалува цената за паркирање во Охрид и дека нема дополнителен издаток за граѓаните, затоа што претплатни карти за користење паркинг на подолг период се вадеа и досега.

– Никаде во светот јавен простор не може да му биде отстапен на индивидуално користење на лице, значи не може да има загарантирано место за паркирање. Во градов има проблеми кои се кумулирале со години и не може да се решат преку ноќ. Наша интенција е подобрување на сообраќајот во градот и поефикасно регулирање на паркирањето,истакна Стојановски.

jovan stojanoski 1Во однос на сообраќајот во стариот дел на градот, градоначалникот потенцира дека стратешка определба е овој дел да биде непаркинг зона. Сообраќајот ќе биде регулиран согласно новиот режим, кој следната недела ќе биде ставен на јавна расправа и ќе биде објасната долгорочната стратегија за сообраќајот во овој дел. Повтори дека на улицата „Јане Сандански“ и булевар „Туристичка“, иако се влезени во режим за паркирање, до септември нема да се плаќа паркинг, а конечната одлука ќе биде донесена по разговори со граѓаните.

По гласањето на одлуките за паркирањето, советниците на ВМРОДПМНЕ ја напуштија седницата.

Покрај ова, советниците на денешната седница дадоа согласност за измена на Статутот на ЈП „Градски гробишта“, за прифаќање донација, реконструкција на детска градинка „Развигорче“, како и за правилникот за субвенционирање (начинот и видот) на туристичката такса на вршителите на угостителска дејност.  (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес