Избор Култура На кафе со... Охрид

Терзиоска: Целта на „Вдиши театар“ е да понуди културни содржини пред богатото културно лето

Охрид, 14. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од вчера па се` до 16-ти јуни, Охрид дише театар. Во тек е  Меѓународниот младински аматерски театарски фестивал, кој е креација на активистите на охридскиот Црвен крст. Фестивалот се отвори синоќа во црквата „Св. Софија“ со изведбата на претставата „Во фиока“ под авторство и режија на Емилија Блажеска, Јованка Сион Доленц и Весна Терзиоска.

Ова е мал јубилеј за „Вдиши театар“, петто издание на фестивалот, а околу идните предизвици и она што ќе биде дел од репертоарот во следните денови, во „Радио Корнер“ денес разговаравме со Весна Терзиоска, дел од организацијата, воедно и дел од авторскиот и режисерски тим на претставата со која вчера вечер се отвори фестивалот.

Супер радио: Какви се Вашите импресии од синоќешното отворањето на петтото издание на фестивалот „Вдиши театар“?

Терзиоска: Ние како општинска организација на Црвен крст сме многу задоволни од тоа како помина синоќешното свечено отворање на фестивалот „Вдиши театар“. Просторот во предворјето на „Св. Софија“ беше претесен да ги прими сите оние кои сакаа да вдишат театар. Задоволни сме и од она што го направиваме ние како тим, нашите актери, пораката која ја пренесовме, а истото задоволство се забележа и кај публиката.

Супер радио: За каков фестивал станува збор и каква е целта на  фестивалот?

Терзиоска: Првичната цел на овој фестивал беше да понуди културни содржини во Охрид пред богатото културно лето. Исто така цел ни е да ја подигнеме културата за посета на театарски претстави, а воедно сакавме да ги искористиме и потенцијалите во редовите на волонтерите на Црвен Крст, бидејќи забележавме дека и кај постарите и кај младите активисти има актерски потенцијал. Тоа беше првичната идеја на „Вдиши театар“, која во меѓувреме прерасна во меѓународен фестивал. Освен што на „Вдиши театар“  настапува охридскиот Црвен крст, имаме и гости од организациите на Црвениот крст од Ужице, Бар, Суботица, Требиње, но и од општинските организации на Црвен крст од градовите ширум Република Македонија.

vesnaterzioskakorner2Супер радио: Ќе Ве навратам веројатно малку повеќе од пет години наназад. Како се роди, чија беше идејата за „Вдиши театар“?

Терзиоска: Идејата потекна од ентузијасти, волонтери со кои имавме некакви активности во кои требаше да пренесеме пораки до граѓаните преку глумење. Тогаш во нашите редови го увидовме потенцијалот и желбата да се направи нешто повеќе и на тоа нешто да му дадеме одреден формат. И така се` почна, напишавме едно сценарио, па продолживме со проби. Во меѓувреме имаше иницијатива и желба од другите општински организации да учествуваат во сето тоа и така се роди првиото издание на „Вдиши театар“. Денес со гордост велиме дека ова веќе ни е традиција и се гордееме на петгодишното постоење.

Супер радио: Вчера имавме можност во „Св. Софија“ да ја погледнеме претставта „Во фиока“, зад која авторски и режисерски сторите Вие заедно со Емилија Блажеска и Јованка Сион Доленц. Колку време ја подготвувавте претставата? Колку лица се вклучени во реализиацијата?

Терзиоска: „Во фиока“ е претстава со која се бараат изгубените вредности. Низ секојдневни ситуации и во море од алчност, себичност, хипокризија и неукост, сепак постои надеж дека вредносите не се изгубени, туку се скриени во фиока и треба само да излезат надвор. Претставата е авторска, ја напишавме и ја режиравме самите, а во нејзината реализација учествуваа осум актери, волонтери од охридскиот Црвен крст. Целата подготовка траеше околу 3-4 месеци.

Супер радио: Каков е реперотарот од вечерва, па до самото затворање на фестивалот и на кои се сцени ќе се одвиваат претставите?

Терзиоска: Во рамките на втората вечер од фестивалот „Вдиши театар“, театарската група на Црвен крст од Суботица, Србија вечерва, во предворјето на црквата „Св. Софија“ ќе ја изведат театарската претстава „Собирен центар“ од Душан Ковачевиќ. Претставата започнува во 21:00 часот. Утре претставата е во Центарот за култура „Григор Прличев“ со тоа што прво во 19:00 часот ќе настапат волонтерите од Бар со претставата „Црвена свера на плава лагуна“, а во 21:00 часот ќе настапи битолскиот Црвен крст со претставата „Аферите на Џон“. На 16-ти јуни, во сабота во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид од 19:00 часот ќе настапат гостите од Крагујевац со претставата „Луѓе во црно“, а од 21:00 часот фестивалот ќе го затворат гостите од Ужице со претставата „Сузе и солзи“. Ги покануваме сите љубители на театарот да бидат дел од претставите, инаку влезот е бесплатен.

Супер радио: Веројатно со текот на годините растеше и самиот фестивал. Какви се идните планови на „Вдиши театар“?

Терзиоска: „Вдиши театар“, иако е аматерски фестивал од година во година станува се` попрофесионален. Планираме овој фестивал да го зачуваме како традиционален и во иднина. Планираме и ние како тим од Охрид со нашите престави да настапуваме на слични фестивали во регионот, од каде што добиваме покани. Секоја година гостуваме во еден од градовите кои биле наши гости во изминатите изданија на „Вдиши театар“. Сме биле гости во многу градови од поранешна Југославија, а можам да најавам дека со претставата „Во фиока“ во август ќе настапиме во Бар.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес