ЕКОЛОГИЈА Избор Локална самоуправа Охрид

Стојаноски: Премиерот треба да одлучи дали државата ќе води грижа за колекторот или овластувањата ќе се префрлат на локалната

Охрид, 29. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Финалната одлука ќе биде на премиерот на РМ Зоран Заев, тој треба да одлучи дали претпријатието кое ќе води грижа за колекторскиот систем ќе биде државно или ќе добиеме овластвувања ние како локална самоуправа во рамки на МЈП „Проаква“ да формираме претпријатие, истакна градоначалникот на Охрид проф. д-р Јован Стојаноски одговарајќи на советничко прашање.

За колекторот подолг период наназад не се водело грижа за тековно, а камоли за инвестиционо одржување. Години наназад непринципиелното и недомаќинско работење довело до ваква состојба.

Кон крајот на минатата година премиерот на Република Македонија Зоран Заев рече дека државата ќе ја преземе обврската за реконструкција, надградба и зголемување на капацитетот на колекторот, кој како проблем беше нотиран и од УНЕСКО. Од она што досега е направено е добивањето преку Министерството за животна средина на две од потребните 11 пумпни станици. Во наредниот период со ребаланс на општинскиот и државниот буџет, се очекува да бидат издвени 12-13 милиони денари за набавка и на останатите 9 пумпни станици. Но, со тоа проблемот со колекторот и натаму останува, рече Стојаноски.

– Денес за ова прашање разговараме како проблем, а светот го третира како одржлив бизнис. Дадов предлог до премиерот да ни даде дозвола сами да го решаваме како локална самоуправа, да одиме по принципот на концесија за да може сами да стопанисуваме. Четири фирми дадоа предлог за водење и стопанисување со колекторот. Сепак конечната одлука ќе биде негова, вели Стојаноски.

ohridskoezeroВо однос на делбениот биланс на МЈП „Проаква“ од Охрид и „Проаква“ од Струга, градоначалникот рече требало да биде завршен пред еден месец, но Струга била против.

– Имавме состанок во Министерството за финансии, Струга не се согласи, а проблемите произлегуваат во делот на кредитот. Струга не се согласува да врши понатамошна негова исплата. Во текот на изминатите години не плаќал ни охридски Водовод. Не може да не се признаваат финансиските обврвски. Сега нас ни се оставени големи обврски, а министреството не се согласува да го преземе кредитот како гарант. Навидум имаме ситуација што изгледа лесна но тоа не е така, рече Стојаноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес