Избор Македонија

Собранието повторно го изгласа Законот за ратификација на договорот со Грција

Скопје, 5. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Собранието на Република Македонија денеска со 69 гласови „за“ и еден воздржан повторно го изгласа Законот за ратификација на Договорот со Грција за спорот за името, откако на 20 јуни истиот беше усвоен, но претседателот на државата го врати без да го потпише.

Опозицијата, за која договорот е капитулантски чин, исто како и минатиот пат, не беше присутна на повторното гласање.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров во обраќањето пред пратениците, се осврна на укажувањата од претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише Законот.

Рече дека посебноста на македонскиот идентитет и јазик согласно Спогодбата не се загрозени. Тој рече дека по ова гласање, согласно законите, претседателот е должен да го потпише указот.

Пратеникот од Коалицијата предводена од СДСМ Ферид Мухиќ, рече дека денеска нема да гласа против, туку воздржано.

Според него, самиот услов за промена на името и на Уставот е флагрантно кршење на Повелбата на ОН и на меѓународното право, и оти станува збор за преседан, каде што никој досега не барал од една суверена држава промена на име и Устав.

Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во Службен весник на РМ со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чиј указ Иванов не го потпиша. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива