ЕКОЛОГИЈА Избор Струга

Мапирани диви депонии крај Охридско Езеро

Струга, 5. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на фестивалот „Аларм за природата 2018“, кој во организација на граѓанското здружение „Бивиум“ се одржа минатиот викенд во автокампот Ливадишта, биле детектирани над 15 диви депонии во поблиската околина.

Од граѓанското здружение велат дека голем дел од депониите се наоѓаат во непосредна близина под патот кој ги поврзува селото Радожда и населбата Елен Камен и содржината од депониите се спушта директно во Охридското Езеро претставувајќи сериозна закана за биодиверзитетот на езерото.

Информирани се одговорните лица од Општина Струга и депониите ќе бидат отстранети во некоја од наредните акции за чистење во општината.

– Мапирањето на дивите депонии е дел од глобална акција на движењето Let’s do it!, а во Република Македонија се спроведува по иницијатива на граѓанското здружение „Гоу грин“ од Скопје, во пресрет на Светскиот ден на чистење, кој ќе се одржи за првпат ширум светот на 15 септември 2018 година. Граѓаните можат да се вклучат во акцијата за мапирање диви депонии и со употреба на апликацијата изработена за оваа намена и својот мобилен телефон, активно да придонесат за побрзо решавање на овој глобален проблем, изјави Кирил Шентевски, координатор за мапирање од здружението „Гоу грин“. (Крај)

извор: Макфакс фото: Макфакс