Избор Македонија

Неделава Самит на НАТО во Брисел, Македонија очекува покана

Скопје, 9. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Неделава во Брисел треба да се одржи Самитот на НАТО на кој Република Македонија очекува да добие покана за членство во Алијансата. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска денеска заедно со Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски ќе одржи брифинг за новинарите пред одржувањето на овој Самит.

По добивањето на поканата за членство во НАТО, Македонија очекува да седне на маса со Алијансата и процесот на зачленување да не потрае подолго од шест месеци. Вицепремиерката Радмила Шекеринска во вчерашното интервју за Радио Слободна Европа изјави дека не очекува да се појават дополнителни проблеми во текот на процесот.

Таа не прецизираше дали се планираат конкретни мерки против Претседателот кој одбива да го потпише указот за Законот за ратификување на договорот со Грција, кој е еден од условите за членство во НАТО, но рече дека постојат неколку опции. Сепак, засега се концентрирани на референдумот.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенеберг на средбата што со македонскиот премиер Зоран Заев ја имаше на крајот на јуни изјави дека очекува лидерите на земјите членки на Алијансата на Самитот што ќе се одржи на 11 и 12 јули да донесат одлука за официјално започнување на преговорите за полноправо членство на Македонија во НАТО.

Столтенберг очекува да биде постигната согласност Македонија да биде поканета во полноправно членство и да почнат пристапните преговори, но приемот на земјата, рече, ќе зависи од епилогот на Договорот со Грција односно неговото прифаќање на референдум.

Столтенберг рече дека доколку Договорот за името не помине на референдум, тешко Македонија да добие покана за НАТО. (Крај)

извор: Локално фото: архива