Спорт

Англија против историјата, Хрватска за историја: Кој ќе ја добие битката за Москва?

Москва, 11. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Репрезентациите на Англија и Хрватска вечерва на стадионот „Лужники“ во Москва ќе се бодат за последниот билет кој води во големото финале.

За Англичаните победата ќе значи второ финале на СП, по она во 1966 година, кога ја освоија единствената титула, а за Хрватите прв пласман во едно финале.

Историја и традиција

Самото учество во полуфиналето е големо постогнување за двете репрезентации. Англија последен пат ираше полуфинале во 1990 година, додека Хрватска со својата „златна генерација“ играше полуфинале во 1998 година кога загуби од Франција. Сепак, и двете репрезентации имаат големи амбиции и самодоверба, не само за пласман во полуфиналето, туку и за освојување на турнирот.

Вечерашниот меч ќе биде осми меѓусебен дуел на двете селекции, а предноста е на страната на Англија со 4 победи додека „коцкестите“ имаат само 2. Двете репрезентации само еднаш играле на големо првенство, на ЕП 2004 година кога победија Англичаните со 4:2. Меѓутоа „коцкестите“ се одмаздија четири години подоцна кога победија на „Вембли“ со 3:2 и така не и дозволија на Англија да се пласира на ЕП 2008.

Проценките се дека Англија е во мала предност поради тоа што четвртфиналниот меч го добија во регуларните 90 минути, за разлика од Хрватите, кои во рок од шест дена одиграа двапати по 120 минути и потоа изведуваа пенали. Меѓутоа искуството е на страната на „коцкестите“ кои во својот тим имаат фудбалери со девет освоени трофеи во Лигата на шампиони, додека во Англија има само еден таков. Хрватските фудбалери имаат поголемо искуство во играње на големи натпревари, позрели се и играат заедно во овој состав скоро десет години. Од друга страна проблем за Хрватска може да биде уморот. Англичаните демонстрираа свежина и брзина која може да се покаже како клучен фактор, особено ако натпреварот замине во продолженија.

Саутгејт има дилема – како да го запре Модриќ

Селекторот на Англија, Герет Саутгејт нема поголеми проблеми со заморот, со физичката подготвеност или повреди на своите избраници, но затоа има некои тактички дилеми пред овој дуел. Една од дилемите е дали да не смета на некој од офанзивците од средниот ред, Џеси Лингард, Рахим Стерлинг или Деле Али, и да му даде шанса на Ерик Диер, кој е подефанзивен играч за да помогне да се запре Лука Модриќ? Способноста на Хрватите да ја држат топката во свој посед и да го диктираат темпото на играта би требало да биде голем тест за Англичаните. Натпреварот најверојатно ќе го решаваат дуелите на средината на теренот, а тука Хрватска има повеќе класа и искуство, додека предност на Англичаните е секако нападот. Ефикасноста на Кејн, брзината на Стерлинг како и уфрлањето од втор план на Деле Али се најголемите адути на Гордиот Албион.

Веројатни состави:

Хрватска: Субашиќ, Ловрен, Чорлука, Вида, Стриниќ, Ракитиќ, Брозовиќ, Ребиќ, Модриќ, Перишиќ, Манџукиќ.
Англија: Пикфорд, Мегвајер, Стоунс, Вокер, Јанг, Деле Али, Хендерсон, Трипие, Лингард, Стерлинг, Кејн. (Крај)

извор: Спортски фото: архива