Економија Избор Охрид

Обука за стручните лица од областа на Безбедноста и здравјето при работа во Охрид

Охрид, 12. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охрид од 11-ти до 13-ти јули ќе биде домаќин на обука за стручните лица од областа на Безбедноста и здравјето при работа.

Постојниот Закон за безбедност и здравје при работа од 2007 година ги уредува мерките за заштитата при работа, обврските на работодавачите како и правата и обврските на вработените во областа на заштитата при работа. Тој во одредена мера е усогласен со одредбите на Директивата на Советот 89/391/ЕЕC од 12-ти јуни 1989 година за воведување на мерки за поттикнување и подобрување на безбедноста и здравјето на вработените. Но, согледувајќи ја практичната имплементација на Законот, се наметна потребата да се донесе закон со нова концепција кој, како терминолошки, така и концепциски во потполност ќе ги пренесе одредбите од Директивата 89/391/ЕЕЦ. Од донесување на овој Закон за развој на областа, како и основање на советодавно тело на Владата во делот на креирање и имплементација на политики во областа на безбедноста и здравјето при работа поминаа 11 години.

– Ресорното Министерство за труд и социјална политика пристапи кон спроведување на активност за ревизија на истиот или потреба од подготовка на нов. За таа цел Македонското здружение за заштита при работа, како член на Националниот совет преку свој претставник на здружение на стручни лица за безбедност при работа, започна со организирање на обука во која е предвидена и работилница за стекнување на знаења. На крајот, преку дискусија, детално ќе се разгледуваат сите проблеми од досегашното имплементирање на Законот за БЗР, предлози и идеи, кои преку заклучок ќе бидат доставени до Владата на Република Македонија. Работилницата ќе ја води Проф. Д-р Лазар Јовевски од Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје, кој активно работи и придонесува во областа на трудот и системот на БЗР во Република Македонија. Покрај професорот, учество како излагачи ќе имаат и еминентни инспектори и практичари од областа на безбедноста и здравјето при работа. Дополнително, ќе биде промовирана Студија за безбедност и здравје при работа, работните услови, имплементација на ЕУ директивата (89/391/ЕЕС) и вклучување на Граѓанските организации во креирањето на политики во република Македонија. Ќе има дисеминацијата на искуството и знаењето стекнато за време на студиската посета во Европската Агенција за безбедност и здравје при работа, Билабо, информираат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива