Избор На кафе со... Охрид

Пиперкоски: Преку „Белата ноќ“ Охрид ќе изгледа како светска туристичка дестинација

Охрид, 12. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со богата програма и звучни имиња, преку манифестацијата „Бела ноќ“ оваа сабота во Охрид официјално ќе се отвори новата туристичка сезона.

– Она што настанот ќе го направи уникатен и особено атрактивен е тоа што бината ќе биде близу градското пристаниште, во вода, на брод. Ќе бидат вклучени и баскер уметници, ќе има доста пиротехнички моменти, огномет, посебено осветлување и озвучување, кое ќе придонесе сето тоа да изгледа светски, вели за емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио Илија Пиперкоски, шеф на кабинетот на градоначалникот на Охрид проф. д-р Јован Стојаноски.

Супер радио: Годинешната „Бела ноќ“ во Охрид ќе се случи во сабота, на 14-ти јули, а најавена е како спектакуларен настан со кој официјално ќе се отвори летната сезона 2018-та. Со кои се` артисти и на кои сцени посетителите ќе имаат можност да се забавуваат?

Пиперкоски: Целата манифестација започнува од 18:00 часот, кога имаме мала измена во веќе најавената програма. Имено, по повод добивањето покана за влез на Република Македонија во НАТО Алијансата, во многу градови во државата, меѓу нив и во Охрид се предвидени посебни настани. На Градскиот плоштад ќе настапат Влатко Лозаноски и врвниот кларинетист Исмаил Луманоски со посебна програма од час и половина. Забавата по 19:30 часот продолжува со одбрани Dј сетови на охридски артисти Dj Face, Dj Yuxell и Dj Gec, по што во 21:00 часот ќе се обрати градоначалникот Јован Стојаноски и официјално ќе ја отвори манифестацијата. Потоа настапува DJ Toni, a од 21:30 до 23:00 часот Масимо Савиќ ќе оджи концерт на Античкиот театар. Неговиот концерт ќе се пренесува во живо на видео бим на сцената на Градскиот плоштад. По 23:00 часот Dj Nasty DeLuxe и Dj Jane ќе ја загреваат публиката за настапот на германскиот Суперстар Dj Tomcraft, по што ќе има afterparty со Dj Regie Rules.

Супер радио: На вакви манифестиции, многу често до доцна во ноќта бесплатно се отвораат вратите на националните установи, музеи, билблиотки, во кината има бесплатни кино проекции итн. Ќе има ли такво нешто годинава? Освен артистите кои ги спомнавме што друго предвидува програмата за годинешната „Бела ноќ“?

Пиперкоски: Оваа година се сконцентриравме „Белата ноќ“ да има претежно музичко-забавен карактер, но во план ни е од следната година манифестацијата да има и културен карактер, во кој ќе бидат вклучени и националните установи во градот. Инаку дел од програмата годинава се и Баскер уметниците, а ќе има и огномет, посебено осветлување, кое ќе придонесе сето тоа да изгледа светски. За годинава предвидовме и други интересни настани, како на пример летање со параглајдери, разни каравани, истражување на охридската околина итн. Сето тоа ќе биде во склоп на денските активности од манифестацијата „Бела ноќ“.

piperkoskikorner2Супер радио: Самото име на манифестацијата „Бела ноќ“ асоцира на забава до раните утрински часови. До колку часот ќе работат локалите во сабота?

Пиперкоски: „Белата ноќ“ е баш таква манифестација кога локалите ќе работат до раните утрински часови, односно до 05:00 часот изутрина. Знаете, живееме во туристички град кој треба да има гостопримлив дух, затоа би апелирал охриѓани да имаат разбирање за значењето на оваа манифестација, која всушност ја организираме не само за туристите, туку и за локалното население и се надевам дека ќе имаме позитивен фидбек од сите.

Супер радио: Раговаравте ли со туристичките работници, со угостителите, хотелиерите итн за овој настан да излезат со посебни попусти и промоции, со цел посетителите да добијат позитивен впечаток и повторно да го посетат Охрид?

Пиперкоски: Да, ние до сега неколку пати се состанавме и разговараме за значајноста на ваквите настани, разговаравме во врска со тоа каква корелација имаат тие за сето тоа да резултира со што поголема бројка на посетители на Охрид. Ова го зборувавме неколку пати со туристичкиот еснаф, дека оние кои имале позитивен впечаток од престојот во градот тоа го споделуват со пријателите и тоа е многу добар начин за промоција на градот. Ние како град се трудиме да ги анимираме гостите, да направиме атрактивна програма и тој позитивен фидбек посителите да го споделуваат и на тој начин да направиме добра репутација на туристичкиот потенцијал на Охрид. Околку посебните попусти и промоции на туристичкиот еснаф за време на официјалниот старт на туристичката сезона, оставивме тие сами да одлучат како ќе настапат. Ние го направивме нашето со тоа што ги понесовме организациските трошоци за севкупната логистика потребна за реализација на целата мнифестација и веруваме дека како што гласи и слоганот „СИТЕ ВО ОХРИД“, ова лето Охрид ќе биде центар на забавата во Република Макеоднија.

Супер радио: Пред официјалниот старт на новата сезона општина Охрид излезе со уште една погодност во насока посетителите да имаат повеќе информации за туристичката понуда?

Пиперкоски: Воведени се и од пред некој ден веќе пуштени во употреба Hot Spot зони за бесплатен интернет на трите најпосетувани локации во градот, тоа се Плоштадите „Св. Климент Охридски“ и „Крушевска република“, како и на Плаошник. Во преговори сме да воведеме вакви WiFi зони и на други места, но за тоа дополнително ќе Ве информираме. Сметавме дека  градот има потреба од вакви бесплатни WiFi зони и дека на тој начин посетителите ќе имаат позитивно искуство. Со самото приклучување на бесплатниот WiFi како почетна страна се отвора ново-редизајнираната веб страна www.ohrid.com.mk преку која можат да се добијат дополнителни информации за сместувачките капацитети во градот, да го погледнат календарот на настани, манифестации, новости и услуга во градот.

Супер радио: Во минатото интервју за Супер радио и OhridPres резимиравте дека Охрид ова лето ќе биде центар на забавата во Република Македонија, но и дека Охрид мора туристички да живее 365 дена во годината. Какви се идните планови за организација на следни манифестации како атракција за посетителите?

Пиперкоски: Пред се` сакаме од секој аспект во најдобар ред да ја реализираме „Белата ноќ“, а потоа се разбира дека подготвуваме и нови настани, за кои јавноста дополнително ќе биде запознаена. Ако сакаме добри и атрактивни артисти за време на новогодишните празнувања, букинзите мора да ги договориме уште сега, па така можам само да кажам дека тековно работиме и на манифестацијата „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“.

bistrocorner1Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес