Забава Избор На кафе со... Охрид

Милошески: „Кога тапанот ќе стивне“ е посветена на прерано починатиот тапанар на бендот „Гримус“

Охрид, 18. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио, денес премиерно беше промовирана темата „Кога тапанот ќе стивне“ со која Лазар Милошески, поранешниот вокалист на бендот „Barel Row“, почнува соло кариера.

– Оригинално песната е направена пред 10-тина години, но го чекав вистинскиот момент и вистинскиот аранжман за неа. Приказната околу песната е поврзана со мој поранешен колега, тапанар во бендот „Гримус“ во кој членував и јас. Тој почина многу млад, на 26 годишна возраст, песната е посветена токму за него, оттука и насловот „Кога тапанот ќе стивне“, вели Милошески во гостувањето во емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио.

Супер радио: Премиерно на Супер радио ќе ја слушнеме тамата „Кога тапанот ќе стивне“, прв сингл со кој Лазар Милошески почнува соло кариера. Кој авторски стои зад песната, како таа настана?

Милошески: Оригинално песната е направена пред 10-тина години, но го чекав вистинскиот момент и вистинскиот аранжман за неа. Претходно имаше различни демо верзии од кои не бев комплетно задоволен, но сега мислам дека сега имам полн погодок. Инаку песната комплетно е мое авторско дело, а ја отсвиреа колегите од бендот „Barel Row“, во студиото „Кречо Саунд“. Приказната околу песната е поврзана со мој поранешен колега, тапанар во бендот „Гримус“ во кој членував и јас. Тој почина многу млад, на 26 годишна возраст, песната е посветена токму за него, оттука и насловот „Кога тапанот ќе стивне“.

Супер радио: Промоцијата на песната е комплетирана и со видео спот. Кој го изработи видео записот и каква приказна носи?

Милошески: Видео спотот го изработи Раде Гогоски од Струга, а ќе го промовираме вечерва на официјалната промоција во „Кадмо бар“.

Супер радио: Те познаваме како вокалист на бендот „Barel Row“, но со „Кога тапанот ќе стивне“ отовраш нова страница, почнуваш соло кариера?

Милошески: Во моментов сум соло, не сум дел од бендот, но за промоцијата на песната вечерва ќе направиме мал „кам бек“, ќе свириме со момците од „Barel Rоw“ со кои сме добри пријатели и секогаш постои можност повторно да свириме заедно.

lazar miloseski 2Супер радио: Кога ти стана јасно дека пеењето, дека музиката е она со што сакаш да се знимаваш во животот? Како, кога и кој го откри твојот талент?

Милошески: Да не звучам клише, но од многу мал имав љубов кон музиката. На крајот на основното образование и почетокот на средно почнав посериозно да навлегувам во сето тоа, почнав и да пејам во локални бендови и така се случи да се насочам посериозно кон музиката. Потоа завршив Музичка академија, а сега сум професор по соло пеење во Струга во средното музичко училиште „Тодор Скаловски“. Немав некоја клучна личност која го забележа мојот талент и ме насочуваше понатаму, но од семејството имав огромна поддршка.

Супер радио: Со бендот „Гримус“ имавте фантастичен настап на Скопско кале, како предгрупа на Александра Пилева и „Електрични Оргазам“; лани со „Barel Row“ настапивте на десеттиот „Демофест“ на тврдината „Кастел“ во Бања Лука, каде настапуваат бројни интернационални и регионални музички ѕвезди, како и демо бендови од цела поранешна Југославија. Какво искуство беше за Вас „Демофест“, остваривте ли контакти со други бендови од регионот?

Милошески: Интересно беше искуството во Бања Лука, ќе го паметиме долго, имаше мала организациска грешка околу терминот кога требаше да свириме. Не информираа дека треба да настапиме на 22-ри јули, а всушност требало да настапиме на 21-ви јули. Патувавме на 20-ти попладне, стигнавме вечерта, следниот ден беше тонската проба, а настапивме вечерта. После 24 часовно неспиење, бевме изморени, енергетски бевме „издишани“, но сепак дадовме се од себе во настапот. Настрана тоа во секоја друга смисла фестивалот организациски беше прекрасен, имаше огромна бина, сместувањето беше во одличен хотел со четири ѕвезди. Имаше добра дружба помеѓу бендовите, ние особено се здруживме со српскиот бенд „Друм“, фантастични се и како музичари и како луѓе, па останавме во комуникација и после „Демофест“, би сакале со нив и со поддршка на спонзори да направиме заеднички настан.

Супер радио: Со „Barel Row“ бевте полуфиналисти во талент шоуто OhridSUPERSTAR. Беше великодушени и бидејќи си професор по соло пеење, финалиситите од шоуто ги награди со бесплатни часови по пеење.

Милошески: Бев позитивно изненаден од вокалите кои влегоа во финалето во шоуто, па затоа и се понудив бесплатно подлабоко да ги воведам во техниките на пеење. Некои доаѓаа, работевме заедно, некои не. Една од нив, Билјана Буџакоска сега е и мој ученик во средното музичко училиште во Струга, каде што предавам. Слободно можам да речам дека еден ден ќе се восхитуваме на нејзиниот оперски вокал.

Супер радио: Пред крај, охридскиот или струшкиот ноќен живот, кој е подобар, која публика според тебе е поотворена за добра атмосфера и забава?

Милошески:  Охриѓани се малку позатворени и како да им треба некој пијалок повеќе за да се опуштат и да уживаат, додека стружани се некако порелаксирани и поприродни. Ова е мојот впечаток од пред 10-тина години, а за жал денес и во Охрид и во Струга ноќниот живот е малку опаднат.

bistrocorner1
Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес