ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Граѓанските здруженија со мирен протест побараа мораториум за градење на охридското крајбрежје

Охрид, 27. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со истакнати транспаренти „Мораториум“, активистите на Граѓанската иницијатива Охрид SOS и здружението „Стар Лагадин“, преку мирен протест пред општинската зграда уште еднаш побараа забрана за сите неконтролирани градби на охридското крајбрежје.

Тие побараа укинување на Одлуката за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, како и итно да издавање на решение за отстранување на спорниот објект во Лагадин. Велат ова е начин да ја подигнеме јавната свест кај граѓаните дека навистина треба да се стопираат сите неконтролирани градби и да бидат согласно сите правила за еколошка средина, истакна Мирослав Котески, претседател на здружение „Стар Лагадин“.

miroslav zdruzenie star lagadin– Општината е обврзана да ги чува сите убавини кои ги има Охрид. Самата порака на УНЕСКО беше мораториум и да се направат планови за градење со сите можни правила на однесување кон езерото, Галичица… Ние почнавме да се бориме против тој Општ акт кој беше даден од општината во ноември 2015 година. Тој како акт од најнизог ранг, ги заменува, односно поништува урбанистичките планови и тоа во најатрактивниот дел од Охрид. Со него е дозволено сите куќи во Лагадин да направат хотели. Таму треба да се бара криминалот и корупцијата во урбаниот градежен дел, подвлече Котески.

Дека вакво нешто требало да се случи е факт. Ако ситуацијата не беше сериозна немаше да се одржува ни надзорната расправа при комисијата за култура токму за забелешките од УНЕСКО, потенцира Трајче Талевски од Охрид SOS.

trajce talevski– Ова е едно предупредување до локалната и централната власт дека вака не може да се управува со Охрид и езерото. Една од препораките на УНЕСКО е мораториум во сите крајбрежни делови. Не од сега и за секогаш, туку се` додека не се донесат потребните правни акти како план за управување, план за крајбрежје. Премиерот нагласи дека ќе има мораториум за мегаломански градби, но УНЕСКО вели мораториум за градби на крајбрежјето за сите објекти додека не се донесат сите правни акти, рече Талевски.

По однос на нивните барања се произнесе и градоначалникот Јован Стојаноски. Во однос на донесување на мориториум за градба, тој рече дека не може парцијално да ја донесе општина Охрид, бидејќи во охридскиот регион влегуваат и Струга и Дебрца. Најави дека ќе бидат разгледани барањата на мониторинг комисијата од УНЕСКО, по што ќе се донесе одлука.

jovan stojanoski juliШто се однесува до делот за Лагадин, Стојаноски вели дека во овој момент како Локална самоуправа немаат разидување со барањата на здружението, бидејќи со решение од 31-ви мај 2018 година, се прогласува за ништовно одобрението за градење на хотелот во Лагадин.

– Во останатите барање беше наведено да се пристапи кон уривање на бесправно изградениот објект, меѓутоа се додека не добиеме мериторна одлука од второстепената комисија од Министерството за транспорт и врски, ние не можеме да го категоризираме тој објект како бесправна градба и да започнеме со постапка за рушење. Во овој момент немаме мериторна одлука дека тој објект е бесправно изграден, додаде градоначалникот Стојаноски.

protest ohridsosОд здружението „Стар Лагадин“, за вторник, 31-ви јули, најавија масовен уметнички културен манифест, кој ќе започне од спорниот хотел во Лагадин и ќе заврши пред општинската зграда. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес