Здравје Избор Охрид

Одбележан Светскиот ден за борба против вирусен хепатит

Охрид, 29. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – И оваа година Здружението „Опција“ од Охрид и охридскиот Црвен Крст, со поддршка на Општина Охрид го одбележаа 28-ми јули, Светскиот ден за борба против вирусен хепатит и се приклучија кон Глобалната кампања за застапување и подигање на јавната свест за зголемување на дијагностиката и третманот на вирусен хепатитис.

– Глобалната кампања на Светската хепатит алијанса (WHA) – најди ги милионите кои недостасуваат – е тригодишна глобална кампања за подигање на јавната свест и застапување, насочена кон справување со главните бариери за дијагностицирање, ставајќи ги граѓанските организации и заедницата во срцето на решението. Како дел од одбележувањето беа одржани едукативни работилници со целните групи на „Опција“ – Охрид, корисници на дроги и Сексуални работници во канцеларија и на терен, се зеде учество на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца со презентација и едукативен материјал, се одржаа едукативни работилници со спасители на вода, кои на плажите на општата популација поделија околу 500 флаери и кондоми, како и едукативна работилница за вирусен хепатит во ЈУ „Затвор“ – Охрид, каде се поделија хигиенски пакети и едукативен материјал, информираат од Црвен крст Охрид.

Никој не треба да живее со вирусен хепатит без да знае. Сепак глобално, на светско ниво повеќе од 290 милиони мажи жени и деца живеат со тоа. Во 2016 година, 194 влади се обврзаа да го елиминираат вирусниот хепатит како закана за јавното здравје до 2030 год. Притоа се обврзаа да дијагностицираат 90% од луѓето кои живеат со вирусен хепатит до 2030 год. До денес, само 11% од луѓето се свесни за нивната состојба. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива