ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Граѓанските здруженија повторно го кренаа гласот против неконтролираната урбанизација на охридското крајбрежје (Фото)

Охрид, 31. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со транспаренти, перики и маски, како и со тропање на лимени буриња и уметнички перформанс, активисти и поддржувачи на неколку граѓански здруженија уште еднаш протестираа против неконтролираната урбанизација на охридското крајбрежје.

Овојпат побараа општината да се заложи за прогласување за мораториум согласно препораките на УНЕСКО, како и за поништување на Општиот акт за село Лагадин најмалку со стопирање на сите издадени дозволи за градење и идни барања за дозвола и да даде поддршка на иницијатовата пред Уставниот суд за поништување на Општиот акт.

protest moratorium 3

protest moratorium 4

protest moratorium 5

– Општиот акт е дело на претходната локална и централна власт, но ако и оваа не преземе ништо против него ќе значи дека заедно се организираат во криминал. Воедно предлагаме мораториум за сите градби долж крајбрежјето. Тоа не значи дека треба да се запре планирањето, туку тоа треба да е во согласност со препораките на УНЕСКО. Со рушење на спорниот хотел во Лагадин ќе се даде пример за во иднина како не треба да се гради и да се издаваат дозволи, истакна Мирослав Котевски, претседател на Здружението „Стар Лагадин“.

miroslav koteski star lagadin

Собраниската Комисија за култура вчера излезе со заклучоци од надзорната расправа за Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и сродната регулатива, во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО. Задоволни сме што истите се усвоени, потенцира Трајче Талевски од  Охрид SOS.

– Еден од тие заклучоци е дека комисијата препорачува да се почитува обврзувачката препорака бр. 6 од УНЕСКО – мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации до донесување на сеопфатна планска документација во согласност со принципите на паметен и одржлив развој на регионот. Покрај тоа се задолжуваат сите општини долж крајбрежјето да ги исчистат сите нелагални депонии и да се најде локација за изградба на регионална депонија, потенцира Талевски.

trajce talevski(1)

protest moratorium 2

Тој потенцира дека она што во моментов се случува на крајбрежјето е катастрофа, а никој не реагира.

– На брегот кај Струга се врши тампонирање на крабјрежјето под изговор дека се работи за амбиентални зафати. Со бетонирање се уништуваат живеалишта на растителни и животински видови. Од болницата „Свети Еразмо“ накај Охрид е приватизирано целото крајбрежје, парцелите се заградени, не може да се излезе на езеро. Се подготвуваат големи урбани блокови поминуваат јавните расправи без да се реагира на урбаните насилија, рече Талевски.

Поддршка на протестот дадоа и граѓани кои се засегнати со оваа проблематика.

belinda andonoska

– Градот се обезличува, физички се попречуваат отворените површини, се затвора протокот на воздух и светлина. Во населбата „Бејбунар“ со над илјада станови, изградена согласно урбанистички план од 1976 година, се вцртуваат маркици за нови седум и деветкатници. Затоа сме тука за да се слушне и нашиот глас, изјави Белинда Андоноска.

Следни чекори на здруженијата и активистите е доставување барање до општина за издавање на одредени документи кои се потребни за нивното делување. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес