Економија Избор Охрид

Поништена постапката за доделување финансиска поддршка на авиопревозници

Скопје/Охрид, 6. август 2018 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за транспорт и врски ја поништи постапката за доделување финансиска поддршка на авиопревозници.

Поништувањето на постапката е на предлог на Комисијата за спроведување на постапката за доделување финансиска поддршка на авиопревозници, откако на јавното отворање на понудите била доставена само една од страна на компанијата „Виз ер“.

– Комисијата констатирала дека доставеното барање за доделување на финансиска поддршка не е доставено согласно точка 2.1 од Документацијата за барање, односно на трите запечатени внатрешни пликоа не е наведен полниот назив и адреса на авиопревозникот, што е еден од условите пропишани во Документацијата за барање, наведуваат од Министерството за транспорт и врски.

Оттаму со најава дека во најкраток рок повторно ќе го објави јавниот повик за доделување финансиска поддршка на авиопревозници, со цел, како што посочуваат, да се овозможи развој на авиосообраќајот во Република Македонија.

Ресорниот министер Горан Сугарески во месец мај при најавата на јавниот повик за субвенционирање нагласи дека посебен фокус ќе биде ставен на охридскиот аеродром, за поврзување на нашиот туристички центар со повеќе дестинации. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива