Избор Македонија Охрид Спорт

АМС ќе му додели 100 илјади денари и стипендија на Марко Пејчиновски

Охрид, 30. август 2018 (ОХРИДПРЕС) – На иницијатива на директорот Дарко Каевски, Агенцијата за млади и спорт донесе одлука да му додели еднократна парична награда во висина од 100.000 и стипендија „Спортска надеж“.

– За подвигот кој што Марко Пејчиновски кој на 12 години го преплива Охридското Езеро, како директор на АМС побарав од Советот да му се додели еднократна парична помош од 100 илјдаи денари и секако да биде вметнат во стипендиите „Спортска надеж“ за што имаме дискреционо право дополнително да предложиме. Марко јасно ни покажува за каков талент се работи и какви резултати може да очекуваме од него во иднини доколку се работи правилно на неговиот раст и развој,  изјави Каевски за МИА.

Тој соопшти дека АМС се обврза да направи стручен тим кој што ќе направи програма за развој и подобрување на спортските услови за Пејчиновски за во иднина да прерасне во успешен спортист.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и неговата сопруга Маја, денеска во Вила „Билјана“ во Охрид, го примија Марко Пејчиноски кој го преплива Охридското Езеро. На средбата со младиот Марко, претседателот Иванов рече дека овој негов херојски подвиг заслужува големо внимание и почит и претставува позитивен пример и мотив за сите млади и талентирани. Марко се заблагодари за поддршката од македонскиот претседател и рече дека благодарејќи на вербата во Бога и поддршката од неговото семејството успеал да преплива 25 километри во лоши временски услови.

Честитајќи за извонредното достигнување на Марко, македонскиот претседател порача дека треба сите безрезервно да го поддржиме и да помогнеме во неговиот натамошен спортски развој.

– На свои дванаесет години Марко е европски и светски шампион кој покажа извонредна храброст, пожртвуваност и упорност својствени за врвните спортисти. Ти си наша заедничка гордост. Ти посакувам уште многу идни спортски успеси со кои ќе се гордее Република Македонија, рече претседателот Иванов. (Крај)

извор: МИА фото: ОхридПрес

©OhridPress2019 Доколку преземете некоја содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење