Избор На кафе со... Охрид

Пејчиновски: Ме застануваат на улица, ми честитаат, сакаат да се фотографираме, чувството е многу убаво (Фото/Видео)

Охрид, 30. август 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со само 12 години ни покажа дека кога се сака, сé се може и ни одржа вистинска лекција за истајност, храброст и доследност.

Охриѓанецот Марко Пејчиновски во вторникот, на празникот Голема Богородица и покрај силниот ветер и брановите, го преплива Охридското Езеро на маратонската патека од Свети Наум до Охрид. За чудото да биде поголемо, Марко со неговото огромно спортско срце, со предизвикот се избори и покрај здравствениот проблем кој го има – инфаркт на коска на долните екстремитети. Марко е херој и во уште нешто, затоа што по цели 50 години тој е првиот охриѓанец кој го преплива Охридското Езеро. Младиот херој беше гостин во Супер радио, па поразговаравме за се` она што е поврзано со овој несекојдневен настан.

Image may contain: 1 person, smiling, sitting

Супер радио: Добар дел од твоите врсници се заразени со компјутерите, а ти одлучи да направиш ваков несекојдневен потфат, не само за млад човек туку и воопшто. Како се роди идејата?

Пејчиновски: Моја прва љубов беше фудбалот, но поради проблемите кои ми се случија со ногата и тестисите, реков да пливам, тоа ми беше единствен спорт со кој можам да се занимавам. Почнав со тренинзи. Лани летото вежбав за малиот Илинденски маратон. Го препливав и потоа беше средниот на 10 километри и големиот од Свети Наум до Охрид. Му реков на татко ми за оваа година 2018-та да го пливам средниот маратон, но тој ми рече дека е брзинска трка, а јас немам доволно кондиција, па ми рече да го препливам езерото. Прво помислив дека е шега, но по долго договарање одлучивме да започнам со подготовки. Во периодот од октомври до јуни тренирав во базенот на хотелот „Тино“, а потоа на градскиот базен и во езеро.

Супер радио: Колку беше тежок или лесен овој подвиг, дали беше потешко во вода или кога пристигна на целта?

Пејчиновски: Па, кога пристигнав на целта беше потешко. Во текот на пливањето не беше толку тешко, иако ми велеа дека ќе ме фати криза, но не беше толку тешко.

Image may contain: 5 people, people smiling, people sitting and stripes

Супер радио: Дали можеби помисли да се откажеш?

Пејчиновски: На почетокот, бидејќи водата беше ладна и нечиста и тогаш помислив да се откажам. Но, си реков да попливам во подлабокото, каде водата сигурно ќе е потопла.

Супер радио: На целта покрај голем број охриѓани, те пречека и една од легендите на пливањето Дики Бојаџи. Што тоа значеше за тебе и дали веќе доби некои совети за во иднина?

Пејчиновски: Неколку дена пред да пливам се сретнав со него и ми рече да го пливам со сите маратонци. Со тоа не се согласив, бидејќи има правила и по одредено време од пристигнувањето на првиот трката се смета за завршена. А инаку да, секако дека имаше совети.

Image may contain: 6 people, people smiling, people standing, sky and outdoor

Супер радио: Веќе си ѕвезда не само во Охрид туку и пошироко. Денес се сретна и со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Те застануваат ли на улица?

Пејчиновски: Да, денес бев примен од македонскиот претседател, ми посака уште многу идни спортски успеси со кои ќе се гордее Република Македонија. А, да на улица веќе ме застануваат, ми честитаат, сакаат да се фотографираме. Чувството е многу убаво.

markosvnaumСупер радио: Одиш на училиште, кое одделение? Сега дефинитивно ќе си најпопуларниот во училиште. И уште ова, има ли Марко симпатија?

Пејчиновски: Симпатија немам, се` уште барам. А за на училиште, сега ќе учам во осмо одделение.

Супер радио: Планови за во иднина, дали ќе бидат поврзани со пливањето?

Пејчиновски: Моите идни планови секако ќе бидат поврзани со пливањето, но не ги откривам во овој момент.
По херојскиот подвиг на нашиот сограѓанин Марко Пејчиновски реакциите на стивнуваат. Како што објави Супер радио и OhridPress една од најголемите здравствени установи во земјата, Неуромедика излезе со понуда да помогнат во подобрувањето на здравствената состојба на малиот јунак. Оваа информација ја потврдија и родителите на Марко. На иницијатива на директорот Дарко Каевски, Агенцијата за млади и спорт донесе одлука на Марко да му додели еднократна парична награда во висина од 100.000 денари и стипендија „Спортска надеж“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес