Избор Култура Струга

Проект за вреднување на различностите во Струга

Струга, 6. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве во Струга се одржуваат активности во рамките на проектот „Вреднување на различностите – почитување на другоста“.

– Заедниците во Република Македонија, а со тоа и припадниците на заедниците во регионот на Струга, Дебар, Кичево и покрај тоа што живеаат и споделуваат многу секојдневни потреби и навики, сепак живеат во релативно изолирани и речиси паралелни микросветови. Економската, а особено политичката ситуација во последниве години дополнително ги интензивира и сензитивизира локалните заедници создавајќи им или засилувајќи им ги веќе постоечките стереотипи и предрасуди на едните наспрема другите по етничка, религиозна, јазична и друга припадност. Овие тенденции се особено забележителни помеѓу помладите генерации, што резултираат со различни видови несогласувања, кои се манифестираат низ различни форми: игнорирање на другоста и нејзино непрепознавање, до вербално и физичко насилство едни кон други, порачуваат организаторите.

Додаваат дека со овој проект се реализираат препораките за преземање и реализирање програми, најпрво за интеркултурно образование, потоа мултикултурно и мултиетничко образование, меѓусебно комуницирање, воспоставување практики на меѓусебно запознавање и споделување знаења и секако, на ваков начин, намалување на ефектите од можните штети на постоечките стеротипи и предрасуди.

– Овие знаења треба да придонесат за зголемување на капацитетите на локалните заедници за себепочитување, вреднување на другоста кај другите заедници и презентирање на регионалните културни карактеристики како самоодржлива основа за развој на регионот во економска смисла, особено од аспект на локалните форми на туристичка презентација. Општата цел на проектот е воспоставување неформални форми за интеркултурен дијалог, мултукултурно и мултиетничко образование и запознавање на припадниците од различните заедници во регионите на Струга, Дебар и Кичево со културните вредности и обуки за почитување на другиот. Првата специфична цел е воспоставување неформали форми на младински активности со цел запознавање со специфичните форми на минатото во регионите, формите на споделена култура и препознавање на различностите низ истражување и презентација на нивните култури. Втората специфична цел е воспоставување неформални форми на младински активности со цел препознавање и идентификување на регионалните вредности и вредностите на различностите како основа за одржлив развој преку локални економски форми и туризам, додаваат организаторите од Здружението за локален развој и културно уметничко друштво „Драслајчанка“, кои стојат зад настанот, заедно со Институтот за етнологија и антропологија, Природно – математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ од Струга, Граѓанското здружение за промоција и зачувување на влашката традиција и култура „Мбела“ од Струга, Здружението „Деборус“ од Дебар и Здружението „Фортеса-Ш 2007“ од Кичево.

Настанот е дел од проектот „Декада на припадност – славење на различностите“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива