Избор Локална самоуправа Охрид Спорт

Со ватерполо турнир викендов ќе се разбрануваат спомените за овој спорт во Охрид

Охрид, 7. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во чест на Денот на независноста на Република Македонија, утре и задутре на Градското пристаниште во Охрид ќе се одржи ревијален ватерполо турнир, кој ќе има хуманитарен карактер.

Општината, преку одделението за спорт се залага за развој на спортот во Охрид, па сакаме преку овој настан да ги разбрануваме спомените за овој убав спорт кој едно време беше прв избор на младите во Охрид, рече Ванчо Јованоски од одделението за спорт при локалната самоуправа.

07_09_2018_VATERPOLO_2– Викендов го враќаме ватерполото во Охрид. Овој празничен турнир ќе се одржи на градското пристаниште. Ќе биде еден вид атракција, а ќе има и хуманитарен карактер. Во организацијата е вклучен и Црвен крст, ќе бидат поставени собирни каси каде посетителите ќе можат да донираат средства за социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца, истакна Јованоски.

На турнирот ќе учествуваат околу 40 ватерполисти – ветерани и тоа од скопските клубови „Вардар“, „Студент“ и „Младост“, „Струга“ од Струга, „Челични“ од Штип и секако „Охридски бранови“.

Утре, на 8-ми  септември од 16:00 часот ќе биде првиот натпревар на градското пристаниште, каде ќе биде поставено ватерполо игралиште, додека во недела, 9-ти септември натпреварите ќе почнат од 12.00 часот.

vaterpolorevijalnoПреку овој настан сакаме да ја поттикнеме актуелната локална самоуправа во рамки на своите ингеренции да го врати ватерполото во Охрид и воедно да ја врати и сликата за едно летно пливалиште кое му фали на градот, во чиј склоп би бил и едриличарскот клуб „Стрмец“ и нормално градска плажа, истакна Кочо Паскали од клубот „Охридски бранови“.

– Во Охрид има интерес, но нема услови за развој на ватерполото и воопшто водените спортови. Отворениот базен на кој тренираат двете пливачки школи ни служи само во текот на летото. Реквизити имаме, но со два месеци апсолутно не може ништо да се направи кога е спортот во прашање и се сведува на некој вид рекреација. Бајката дека ќе правиме олимписки базен е малку страшно, колку за илустрација за одржување чини 470.000 евра годишно, рече Паскали.

Тој потенцира дека се прават напори Охрид да влезе во програмата на Агенцијата за млади и спорт и како донација да добие школски базен, со димензии 25×16 метри кои се сосема доволни за нашиот град и е објект кој општината би можела да го одржува. Како евентуален идеален простор, Паскали го наведе училиштето „Христо Узунов“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес