Забава Избор На кафе со... Охрид

Четкар: Охрид e место кое светот допрва треба да го открие

Охрид, 7. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио денес беше промовиран новиот сингл на познатиот охридски гитарист Владимир Четкар.

Темата „Come With Me“ е снимена  во Њујорк во „The Bunker Studio“, а Четкар е комплетен автор, продуцент, композитор, текстописец, аранжер и вокалист. Покрај за новиот материјал, радиската промоција ја искористивме да позборуваме со Четкар и за безусловната љубов кон  Охрид, за сеќавањата и искуствата од основното музичко училиште „Методи Патчев“, за џез случувањата во Мекедонија и многу други интересни теми.

Супер радио: Вие сте музичар од светски калибар, човек кој со своите настапи буквално го свртел светот, но сепак секое ново враќање во родниот Охрид го доживувате со страст на турист кој прв пат стапнал тука. Како на пријателите од Њујорк им го опишувате Охрид?

Четкар: На пријателите кои не биле никогаш во Охрид, љубам да им кажам дека Охрид е нешто помеѓу јаве и сон. Кога ќе се разбудиш од сон, помалку се мешаат јавето и сонот, ете така јас го доживувам Охрид, како место кое светот допрва треба да го открие. Како бисер во историска, културна и природна смисла. За мене е гордост што сум роден тука и што тука е мојот дом.

Супер радио: Доколку имате можност да промените едно нешто во градот, што би било тоа?

Четкар: Јас би одбрал да го исчистам Охрид од сите политички влијанија и така чист Охрид  да биде оставен на совесни граѓани кои ќе се грижат за неговата иднина. Мислам дека е многу важно градот да не пати од политичките пресметки, туку најважно е сите да го чуваме, онака како што заслужува.

Супер радио: Во „Come with me“, Вашата најнова песна сте вметнале по малку соул, џез, фанк, малку диско и поп елементи. Вие сте  комплетен автор на темата, продуцент, композитор, текстописец, аранжер, диригент, гитарист и вокалист. Добивате огромна поддршка во нејзината  промоцијата низ радиo станици ширум светот.
Четкар: Чест ми е што голем број музички уредници на радио станици ширум светот, како на пример во Унгарија, Германија, Англија итн. не само што ми дадоа огромна подршка во промоцијата, туку и бараат да направат и ремикси од неа. Задоволен сум бидејќи им се допаѓа мојата музика, која често ја нарекувам „органска“, бидејќи е незагадена и денес луѓето многу ретко ја работат. Уредникот на SonicSoul, водечкиот германски портал за funk и soul музика многу симпатично во критиката напиша дека како што гали есенското сонце, така гали и темата „Come with me“.

Супер радио: Зад себе имате два студиски албуми. „Hevanly“ беше издание кое во Јапонија беше прогласено за ремек-дело, стана вистиски хит во многу земји, особено голема културна извазија направи во далечниот Исток. „Heavenly“ заедно со материјалите од претходниот албум „We will never end“ се најде како ексклузивно јапонско издание во сите продавници ширум Јапонија. Какви се плановите околу новото, трето албумско издание?

Четкар: Фокусиран сум да направам нешто што ќе ги надмине претходните две изданија. Токму Јапонија е земјата каде премиерно ќе го издадам новиот материјал. Јапонија е земја која фанатички го поддржува овој музички правец и се` уште има продавници кои продаваат музика, оти нели знаете дека музичката индустрија се повеќе се дигитализира, а музичките продавници ги снемува. Се разбира ќе направам промоција и кај нас, во Република Макеоднија.

Супер радио: Како музички конзумент, што најчесто Ви свири низ дома?

Четкар: Во последно време ми свират низа глава новите идеи кои пополека ги реализаирам, а ќе се најдат на новиот албум. Шегата настрана, во смисла на прашањето обожавам да слушам повеќе жанрови. Слушам од класичен џез, преку диско музика, до квалитетeн house итн. Ги љубам Change, Cameo, Cool and the Gang, George Benson итн. Би рекол дека не се определувам жанровски, туку сакам да слушнам се` што е направено со креативност во пристапот. Сите ние како луѓе сме резултат на она што го конзумираме, па затоа во моите дела ќе најдете комбинација на повеќе музички правци.

cetkarcorner2Супер радио: Вашата основна музичка наобразба почна од основното музичко училиште „Методи Петчев“. Какви се сеќавања носите од ова училиште?

Четкар: Би ги нарекол прекрасни сеќавања, се` уште се сеќавам на сликите од великаните Бетовен и Моцарт поставени низ ходниците. Од мал ме фасцинираше звукот на различните инструменти кои се слушаа од училниците. Кога се навраќам на овие моменти се навраќам на едно чувство во кое немаше простор за стресот кој вообичаено го имав од основното или пак средното образование. Се сеќавам дека сите кои бевме дел од ова училиште со гордост го носевме инструментот и се чувствувавме дека правиме нешто поразлично.

Супер радио: Дел си од сцената на сите релевантни џез случувања во светот, но и во Република Македонија. Неодамна настапивте на седмиот International Prilep Jazz Weekend.  Како си поминавте таму? Имаме ли добра публика и доволно џез настани кај нас?

Четкар: Долго време, скоро 15-тина години немав настапено во Прилеп и мора да признам дека имав одлично искуство. Видов дека публиката е „жедна“ за она што го работам, а атмосферата беше прекрасна. Имаме џез фестивали во Скопје, во Прилеп, Куманово, мислам и во Штип, би сакал во иднина да има и во Охрид, но имаме среќа што живееме во туристички град, па многу често имаме гостувања во Охрид.

Супер радио: Одамна живеете во САД, во почетокот во Бостон, денес во Њујорк. Патот од Охрид, преку музичкиот колеџ „Беркли“, до интернационална слава ни малку не е лесен. За новите генерации на кои твојот пат им изгледа на моменти дури и невозможен, што ќе им порачаш, кој е пресудниот фактор за успех како твојот?

Четкар: Мислам дека во музиката споредбата носи чувства кои го кочат развојот, затоа на младите музичари сакам да им препорачам да го извадат од себе она што во себе го носат. Да не ги имитираат артистите, туку од себе да создадат уникатен артист. Како што кажав сите ние како луѓе сме резултат на она што го конзумираме, затоа конзумирајте што повеќе квалитетна музика.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес