Избор Култура Охрид

Славе Ѓорго Димоски добитик на наградата „Антево перо“

Охрид, 12. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот поет Славе Ѓ. Димоски е прв добитник на наградата „Антево перо“.

Ова признание за првпат е воведено годинава во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски, а Димоски го доби за необјавената стихозбирка „Кумова слама“.

Во образложението кон наградата на жири комисијата во состав Венко Андоновски (претседател), Кристина Николовска, Митко Гогов, Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови) стои:

– Стихозбирката „Кумова слама“ на Славе Ѓорѓо Димоски претставува сјајно дело на македонската поезија. Во оваа стихозбирка, на еден современ поетски начин се тематизира не само онтолосот на поезијата, не само нејзината смисла, туку и нејзиното родно место во јазичното битие на онаа мрежа знаци што се пресекуваат на едно место, а кое го викаме поет. Уште повеќе, во оваа стихозбирка се тематизира и смислата и богатството на севкупната македонска поетска традиција, во која името на Анте Поповски е темелен и жив кардиограм, врвна изохипса без која поетската мапа на Македонија не би била – планинска мапа, односно мапа на тешко достижни врвови.

antevo pero nagrada

На конкурсот биле пристигнати 65 стихозбирки, а комисијата одлучи да направи исклучок и да ги прогласи Михаил Свидерски и Марина Мијаковска за поети – придружници на наградениот поет, чии дела влегоа во најтесна конкуренција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива