Избор Охрид Празници

Куратица едно од ретките места во Македонија со храм посветен на Преподобен Симеон Столпник

Охрид, 14. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридското село Куратица е едно од ретките места во Македонија кој оддава достојна почит на Светиот Преподобен Симеон Столпник.

Храм посветен на светецот на ова место имало и порано, а со взаемна помош од месното население е повторно возобновен. Во 2013-та година беа осветени темелите на црква, која денес го чува споменот за светецот.

Празникот традиционално ќе биде прославен и денес. Жителите ќе запалат свеќа и ќе се помолат за добро здравје и лична и семејна благосостојба. Од 13:00 часот ќе се служи и света богослужба.

Инаку овој празник се слави и во Дебрца. На Свети Симеон се пеело семето за есенската сеидба. Во една чинија се ставале разни семиња: пченица, ʼрж, јачмен, пченка грав и др. Во чинијата уште се ставало и босилек, а потоа таа се завиткувала со бела шамија (тулбенче) и се носела во црквата. Таму свештеникот ги пеел чиниите со семињата, од целото село заедно. По враќањето од црквата се одело на засевање. Ако времето не било стасано за засевање се засевало малку, барем неколку бразди, колку за адет. При засевањето најпрвин се сеело пеаното семе, а потоа босилекот се закачувал во нивата. Се верува дека босилекот има апотропејско дејство и дека нивата и житото ќе ги чува од разни несреќи, болести, поројни дождови, разни инсекти и слично. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес