ЕКОЛОГИЈА Избор Општина Дебрца

Ногачески: Г-дине Макрадули, Дебрца, и сите ние, заслужуваме многу повеќе од тоа да бидеме нечиј ѓубралник

Охрид, 14. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Ние, граѓаните на Дебрца, добро знаеме дека е несоборлив факт дека живееме во една од најчистите природни и екстремно богати културни оази во Република Македонија. Г-дине Макрадули, не знам кои се и не ме интересира ставот на Вашите „експерти“.

Вака првиот човек на општина Дебрца, градоначалникот Зоран Ногачески реагираше на изјавата на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, кој денес од Охрид порача дека „став на експертите е дека општина Дебрца е најидеалното место каде би се градела регионалната депонија за третман на отпад“.

– Нашата општина Дебрца, и сите ние, заслужуваме многу повеќе од тоа да бидеме нечиј ѓубралник. Имајќи ги предвид сите провидни капки вода што го мијат овој земен рај, сите шумски хлорофилни клетки што ни го прочистуваат воздухот што го дишеме ние и нашите деца, и сите згаснати огништа на нашите предци и остатоците на одамна заборавените нивни куќи, градски и тврдински ѕидини и кули, како и слободарскиот дух што ни ги оставиле предците како аманет, нашата заложба денес е од Дебрца да создадеме високо рангирана природна и археолошка туристичка дестинација. И дајте, Ве молам, слушнете го гласот на граѓаните и конечно откажете се од сулудата идеја на Вашите „експерти“, порача градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива