Избор Охрид

Димитров: 30-ти септември е раскрсница каде треба да си ја зацврстиме нашата држава

Охрид, 14. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Овој 30-ти септември е раскрсница на која треба да си ја зацврстиме нашата држава. Имаме многу крупна одговорност како народ. Патриотизмот е секогаш да се мисли за напред, потенцира министерот за надворешни работи, Никола Димитров на трибината со охриѓани, во пресрет на референдумот.

– Јас со ова прашање сум од 2003 година, немаше нешто што не отворивме, се` што можевме направивме, немаше аргумент што не го искористивме. Овој договор е компромис, тоа што е за нас најважно и тоа што за нив е најважно. Нема попатриотска должност од соочување со проблемот што го имате, да извлечете максимум тргнувајќи од тоа што е најважно, дека сме Македонци, дека сме македонски народ, дека сме успеале да направиме држава во овој дел од Македонија, дека зборуваме македонски јазик, подвлече министерот.

Тој пред граѓаните посочи дека само во една регионална организација сме Република Македонија, во ОН, ОБСЕ, Совет на Европа, сите специјализирани агенции на ОН сме ПЈРМ. Влеговме во ОН со обврска да го решиме тој проблем. Прашањето е многу тешко, тргнавме од претпоставката дека најважно од се е да го заштитиме идентитетот. Ова не е 27-годишно прашање што не влече назад туку е историско помирување меѓу нашите два народи. А сите историски помирувања, меѓународни, се многу тешки.

Иднината ни е во НАТО и ЕУ, бидејќи сакаме да бидеме стабилни, да бидеме како државите што се во тие семејства, да има ред, да има подобар стандард, повеќе работа, поголема плата. Колку за илустрација, Димитров посочи на состојбите во дел од нашите соседи, кои станаа членкина големите семејства.

– Додека ние седевме во собата светот и Европа се движеа. Албанија и Хрватска влегоа во НАТО во 2008, Хрватска влезе во ЕУ во 2013 година, невработеноста им падна од 20 на 9%, извозот во ЕУ им се зголеми од 9 на 14 милијарди евра, рече Димитров.

Според него членството во НАТО има две придобивки. Прво е пораката дека оваа држава е тука да остане во овие граници става крај на прашалниците што ќе биде со нас после 15-20 години. Второ, за големите странски компании станува многу попредвидливо што ќе се случува, а тоа им го олеснува носењето на одлуката за инвестирање.

– Еве, Охрид како општина досега има искористено 4 милиони евра европски пари, поширокиот охридски регион приближно околу 9 милиони евра. Во иднина ќе бидат тоа многу позначајни и поголеми проекти, истакна Димитров кој потенцира дека ова не е прашање за партии, Влада, пратеници, градоначалници, советници… Со ова прашање на 30-ти септември на тест сме ставени сите ние и одговорноста на нашата генерација. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес