Избор Охрид

Млади правници во Охрид ќе даваат правна поддршка на поединци и семејства со ниски приходи

Охрид, 19. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на проектот „Мобилни тимови за правна поддршка на поединци и семејства со ниски приходи“, Македонското здружение на млади правници (МЗМП)  ќе одржи едукативна средба за жителите на општина Охрид.

На работилницата, граѓаните на Охрид ќе можат да добијат основни информации за своите права, а особено да поставуваат прашања и да добијат конкретни одговори за своите правни проблеми.

Работилницата ќе се одржи во петок, на 21-ви септември, со почеток во 15:30 часот, во големата сала на општина Охрид. Воведната сесија ќе ја води Маја Атанасова, правник, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) на која граѓаните ќе добијат информација за правото на бесплатна правна помош, условите и постапките за остварување на право на бесплатна правна помош. Понатаму, за правата и обврските од социјална заштита согласно Законот за социјална заштита Законот за заштита на децата и Законот за здравствена заштита ќе зборува Љубчо Наумовски, адвокат. Третата сесија ќе ја води Петар Андрески, правник, кој ќе го образложи Правото на сопственост, право на користење, право на плодоуживање купопродажба и закуп. На крај од работилницата, заинтересираните граѓани ќе можат да добијат стручни правни совети за нивните прашања.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во јануари 2018 година започна со спроведување на проектот „Мобилни тимови за правна поддршка на поединци и семејства со ниски приходи“ финансиски поддржан од Европската Унија, кој ќе се спроведува во периодот од јануари 2018 до август 2019. Со проектот се настојува да се обезбеди директна правна поддршка на поединци и семејства со ниски примања директно во заедниците во кои живеат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива