Избор Охрид

Здружението „Инклузија“ организираше инфо ден за работничките права на младите

Охрид, 21. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“ од Охрид денес организираше инфо ден, во рамки на националната кампања „365 работнички права на младите“.

Меѓу младите средношколци и студенти во градов, владее голем интерес за детално запознавање со нивните права при остварување работен однос, по завршувањето на основното, средното и високото образование. Спроведувањето на оваа кампања е од исклучително значење, со оглед на податоците дека дури 53.000 млади луѓе во Македонија воопшто не се евидентирани во системите за вработување, не се активни баратели на работа, а многумина од нив работат и во несоодветни услови и се потполно обесхрабрени и невидливи за системот. Секое второ лице работи неформално, како никогаш о да не работело, а секој 6-ти од 10 млади луѓе, не е информиран за своите работнички права. Според статистиката, дури 80% од младите луѓе, откако ќе завршат високо образование, на вработување чекаат повеќе од една година, информираат организаторите.

Кај високо образованите кадри просекот е околу 12 месеци, а додека пак кај оние со средно образование 32 месеци. Кај оние кои имаат само основно образование, се чека дури и до 62 месеци.

– Препораките одат во насока дека секој млад човек кој стапува во работен однос  мора добро да го прочита договорот за вработување, пред да го потпише и активно да придонесува кон негово целосно и соодветно почитување и исполнување, додаваат од „Инклузија“ и информираат дека во наредниот период, дел од овие активности ќе бидат спроведени и во секое од четирите средношколски центри, како и во факултетите во општината. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива