ЕКОЛОГИЈА Избор Локална самоуправа Охрид

Започна чистењето на „Мауцкер“, во најава изградба на фабрика за отпад во нашиот регион

Охрид, 27. септември 2018 (ОХРИДПРЕС) – Стартува првата фаза од чистењето на отпадот кај „Мауцкер“. По објавениот повик на Министерството за животна средина за оваа цел се добиени 2,5 милиони денари.

Започнуваме со решавање на еден од горливите проблеми на општината, а тоа е решавање на депониите, започнуваме со Мауцкер, истакна директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски.

– Според спецификациите на повикот кој беше објавен планирано е да се изврши порамнување на 16.000 метри кубни градежен шут и тампонирање на површина од 7.000 метри квадратни со 2500 метри кубни квалитетна земја. Предвидено е 5.000 метри кубни градежен шут да бидат дислоцирани на подобро место во оваа локација, не подалеку од 500 метри од постојното место, рече Грданоски.

По завршувањето на санирањето на оваа депонија, ќе се изгради една платформа каде ќе продолжи да се депонира градежниот шут од градот и сето тоа постојано ќе биде рамнето, со што ќе запре појавата на диви депонии низ Охрид.

maucker deponija 1Градоначалникот на Охрид проф. д-р Јован Стојаноски потенцира дека градот нема управување со отпадот што е една сериозна ситуација која се кумулира сите овие години. Во моментот се работи на физибилити студијата која на долг рок ќе биде една од алтернативите за комплетно решавање на ситуацијата со отпадот во нашиот град и со тоа ќе имаме еден правилен план за управување со отпад.

– Во тој дел е содржано расчистување на дивите депони, „Мауцкер“ и „Буково“. Во втората фаза имаме разрешување на грдежниот шут, а во третата фаза е изградба на фабрика за отпад во нашиот регион, а физибилити студијата ќе покаже дали ќе се прави со финансиски средства на општината и ЈП „Комуналец“ или преку партнерство со фирми кои се спремни да инвестираат. Така ќе имаме едно заокружено планско управување со отпадот. Изградбата на регионална депонија ќе го  реши проблемот, но не може да чекаме само на неа. Ние како локална имаме свои развојни алтернативи како да имаме план за управување со отпад. Не мора за се да се чека решение од централната власт, подвлече Стојаноски.

Jovan i GrdanoskiСо оглед на тоа што „Мауцкер“ е веќе планирана индустриска зона, плановите на локалната самоуправа се таму да се префрли и ЈП „Охридски комуналец“. Во овој дел во завршна фаза е и изготвувањето на урбанистичко-планска документација за стационарот, со кој би го решиле проблемот и со кучињата низ градот.

maucker deponija 2– На овој начин покажуваме напредок во грижата за животната средина и секако подобар изглед на градот. Не би ги обвинил граѓаните за создавање на дивите депонии, затоа што локалните самоуправи не им дале можности за одлагање на градежниот шут, истакна Стојаноски.

Управувањето со отпад во современиот свет е бизнис, а не е проблем. Градоначалникот потсети дека за жал кај нас сеуште сме во ситуација отпадот да го третираме како проблем. Доколку не е така од една страна би имале еколошки чиста средина, а од друга страна и би заработувале, наместо како сегашната ситуација во која „Комуналец“ предизвикува загуби со нерегулираното одлагање на отпадот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес