Забава Избор На кафе со... Охрид

„Броз“: „Каде си ми ти“ е комична песна која носи заразна позитивна енергија

Охрид, 02. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио денес беше промовирана темата „Каде си ми ти“, деби сингл на охридскиот бенд „Броз“, кој го сочинуваат Владимир Сарафилоски, Климент Наневски, Александар Трифуноски и Христијан Томевски.

– Бендот „Броз“ во овој состав работи половина година и премногу рано е за себе да речеме дека професионално се занимаваме со музика. Ние се чувствуваме како аматери, а кога некој аматерски се вложува во нешто, тогаш целосно и без никаква задршка ја вложува својата енергија, љубов и креативност. Песната ја релизиравме во соработка со Ансамблот Билјана, а пародијата е она што ја придвижува и песната и видео спотот, истакна Владимир Сарафилоски, кој заедно со Климент Наневски гостуваше во „Радио Корнер“.

Супер радио: Како настана бендот „Броз“, колку време постои и кој се` е дел од него?

Сарафилоски: Бендот „Броз“ постои повеќе од една година, но во овој состав делуваме од пред половина година. Покрај мене во бендот членуваат уште и Климент Наневски, Александар Трифуноски и Христијан Томевски. Многу спонтано и случајно се соединивме во бенд, веројатно не споија дружбите низ локалите и нашата заедничка пасија кон музиката. Задоволни сме од тоа како досега се движат работите, имаме многу настапи и луѓето во Охрид веќе не препознаваат.

Супер радио: Како го одбравте името на бендот?

Сарафилоски: Името на бендот „Броз“ за нас има две значења. Во репертоарот кој го свириме често имаме песни од поранешна Југославија, па Броз е првата асоцијација на тие времиња. Но, си го сакаме и она другото значење на името Броз, оти сите од бендот сме блиски се дружиме како браќа.

grupabrozСупер радио: На својата прва песна „Каде си ми ти“ соработувате со Ансамбал „Билјана“, кои негуваат изворна староградска охридска музика. Тоа се млади, талентирани момчиња, наследници на легендарната група „Билјана“. Нив музиката им е во гените и се вистински професионалнци. Од друга страна, Вие во едно интервју велите дека сте аматери?

Сарафилоски: Премногу рано е за себе да речеме дека професионално се занимаваме со музика. Ние се чувствуваме како аматери и според мене тоа има позитивен момент. Кога некој аматерски се вложува во нешто, тогаш целосно и без никаква задршка ја вложува својата енергија, љубов и креативност. Сите четвороца во бендот „Броз“ ја делиме таа аматерска енергија. Инаку со Ансамблот „Билјана“ соработуваме одамна и тие беа едни од главните виновници за да ја снимиме нашата прва песна и да го реализираме видео записот за неа.

Супер радио: Кој стои авторски зад Вашиот деби сингл „Каде си ми ти“ и во кое студио ја снимивте?

Сарафилоски: Песната ја снимивме во студиото „Кречо Саунд“, а музиката и аранжманот се заедничка креација на сите нам, во соработка со членовите на Ансамблот „Билјана“. Текстот го напишав јас и првичната верзија носеше уште потипично охридски дух. Вообичаено кога ќе влезеш во студио пробуваш различни верзии, го бараш звукот кој ќе си „легне“, па така верзиите се менуваа и на крај добивме добро парче музика, пријатно за уши со интересна комична содржина, песна која лесно ве заразува со позитивна енергија и како да Ве кани и да се придружите и да запеете.

Супер радио: Песната ја промовирате заедно со видео спотот, кој е направен во ист дух со тексот на „Каде си ми ти“. Кој го смисли сценариото и кој стоеше зад реализацијата на видео спотот?

Наневски: Идејата беше видеото да „одговара“ со самата песна, па така од него „тече“ пародијата, која е употребена и во самиот текст на песната. Кристијан Љушев го смисли сценариото, а го реализираше во соработка со „Шпанец Продакшан“, од каде се погрижија за целокупната реализација на спотот.
Супер радио: Летово „Броз“ имаше многу свирки, и денски и вечерни. Каков е репертоарот  кој го негувате во вашите свирки во живо?

Наневски: Уникатен е репертоарот на „Броз“, бидејќи нам секогаш не обвзема моменталното рапсоложение на присутните. На нашите свирки се случува да имаме песни од Тома Здравковиќ до песни од легендарните Prince, Queen итн. Најгенерално кажано свириме се` што е добро за уши, без разлика дали е од светската, македонската или балканската сцена.

Супер радио: Какви се идните планови на бендот „Броз“? Ќе ја заджите пародијата и во следните песни како типично ваш стил или ќе пробате жанровски да се пробате во други музички стилови?

Наневски: Имаме во „фиока“ уште 10-тина песни кои чекаат на релаизација, но не се брзаме, можам само да кажам дека во блиска иднина ќе ја реализираме и втората песна. Помеѓу песните кои во иднина ќе ги издадеме има пародични песни, но има и сериозни песни. Останува да видиме во иднина што повеќе ќе не понесе.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес