Избор Македонија Охрид

Заев: Неприфатливи се барањата на ВМРО-ДПМНЕ за техничка влада

Охрид, 4. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за техничка влада со мандат од 100 дена според Пржинскиот модел, за нов јавен обвинител и анкетна собраниска комисија за референдумот се апсолутно неприфатливи, порача денес од Охрид премиерот на Република Македонија Зоран Заев.

Ниту има причина, ниту има потреба да се дискутира за вакви работи. Самите институции дадоа свои коментари. Да се бара комисија која ќе провери дали референдумот бил законски, дали имало законитост во неговото спроведување и слично во услови кога претседателот на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ, како и Управниот суд во кој нема сменето ниту еден член, само по себе кажува што всушност се сака со ваквите барања, напомена Заев и додаде дека останува на ставот во наредните денови да се разговара со пратеници во Собранието во, како што наведе, една пријатна, нормална и одговорна атмосфера.

– Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе заклучок со кој овој референдум го прогласи за неуспешен, имајќи во предвид дека на истиот излегоа само 36 проценти од гласачите што ја покажува јасната волја на народот против прифаќање на овој договор, порача вчера потпретседателот на партијата Александар Николоски.

– Референдумот беше и со бројни нерегуларности. Констатиравме дека согласно анализата направена од нашиот тим преку 50 илјади ливчиња беа уфрлени во гласачките кутии, понатаму се заплашуваа граѓани, имаше обид за поткуп, влијание врз гласачи, кршење на молк и други нерегуларности со што бевме сведоци на едни целосно недемократски и криминален процес и затоа целата постапка на референдумскиот резултат ја прогласуваме за голем фалсификат и резултатот на референдумот не го признаваме, истакна Николоски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива