Избор Локална самоуправа На кафе со... Охрид

Алексијоски: Охрид и Струга ја завршија процедурата за од МЈП „Проаква“ да се одвои колекторот

Охрид, 9. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Градските совети на Охрид и Струга ја завршија процедурата за од МЈП „Проаква“ да се одвои колекторскиот систем. Сега останатите чекори кои се потребни за формализација на целиот процес се во рацете на Владата, вели за „Радио Корнер“ на Супер радио директорот на МЈП „Проаква“ Владимир Алексијоски.

Тој е и претседател на Градскиот фудбалски клуб „Охрид Лихнидос“, кој со промените во Управата има макисимален учинок, 21 поен, и се први на табелата после седум натпревари.

Супер радио: Имате ли впечаток дека фудбалот во Охрид годиниве наназад како да беше запоставен? Кои се причините поради кои замираше фудбалот во Охрид ?

Алексијоски: За жал тоа е точно. Јас како поранешен фудбалер во истиот овој клуб, во младинскиот тим, кој беше и државен првак во времето кога јас играв, ќе се сложам дека фудбалот, но и другите спортови во Охрид, со исклучок на ракометот, годиниве наназад беа многу занемарени.

Супер радио: На претседтелското место во клубот дојдовте во август, пред почетокот на новата сезона и успевате во намерите клубот да биде макисмално подготвен за игра. На што се должи успехот?

Алексијоски: Оваа сезона клубот има ново раководство, а засилен е со 10 нови играчи од охридскиот регион. Организираноста и стручниот тим кои во моменотов ги имаме, резултираат со успехот кој го има клубот оваа сезона. Со самото седнување на претседателското место, добив и огромна поддршка од членовите на Управниот и Надзорниот одбор на клубот, каде активно се вклучува и градоначаникот проф. д-р Јован Стојаноски и директорите на Јавните претпријатија и училиштата од Охрид. Нивната поддршка ми дава голем поттик и мотивираност во она што сакаме да го постигнеме.

Супер радио: Најчестата „болка“ на локалните спортски клубови е финансиската поддршка. Како стои клубот по ова прашање?

Алексијоски: Со одлука на Советот на Општина Охрид, на клубот му е доделена финансиска поддршка, која ни беше ептен потребна. Би сакал да изразам благодарност за донацијата која неодамна ја добивме од компанијата за продажба на мебел „Гир Риг“. Локалниот бизнис треба да има повеќе слух кога се работи за поддршка не само на фудбалот, туку на сите спортови во градов, зошто на крајот на краиштата тоа е поддршка во развојот на младите таленти во градот.

Супер радио: Клубот има мотив и цел, а тоа е „Охрид Лихнидос“ в година да игра во втората, а потоа и во првата лига. Во 2021-ва година не очекува многу значаен јубилеј за охридскиот фудбал?

Алексијоски: Да, целта е „Охрид Лихнидос“ што поскоро да го видиме во повисоките лиги. Во 2021-ва година градот ќе прослави 100 години од фудбалски организираната игра во Охрид или 100 години од основањето на градскиот фудбалски клуб. Се надеваме дека ќе продолжиме со успесите и дека достојно ќе го претставиме и прославиме овој мошне значен јубилеј.

Супер радио: Мошне значајна е поддршката на навивачите на трибините, која дури ја нерекуваат 12-тиот играч. Колку сте задоволен од посетеноста на трибините кога клубот игра на домашен терен?

Алексијоски: Би рекол дека самите успеси си ја враќаат публиката на трибините. Задоволен сум од посетеноста на навивачите на трибините и сметам дека за клубот навивачката атмосфера е особено значајна. Искрено се надевам дека езерското дерби ќе го врати сјајот кој некогаш го имаше, се надевам дека на натпреварот со Караорман максимално ќе ги наполниме трибините на Градскиот стадион.

Супер радио: Бидејќи Вие сте и директор на МЈП „Проаква“, РЕ „Водовод“ Охрид, кажете ни до каде е постапката за одвојување на колекторскиот систем и негово ставање под централна власт?

Алексијоски: Направени се статутарни измени и донесени се одлуки на Управниот одбор на претпријатието, исто така едногласно градските совети на Охрид и Струга ја завршија процедурата која беше нужна за од МЈП „Проаква“ да се одвои колекторскиот систем. Сега останатите чекори кои се потребни за формализација на целиот процес се во рацете на Владата. Со ова сметам дека решивме едно многу значајно прашање во врска со Охридското Езеро.

Супер радио: Кажете ни повеќе и за одлуката на МЈП „Проаква“ да доделува стипендии за студирање. Од какви причини се одлучивте да стипендирате, колкав е износот на стипендијата и какви профили ќе се стипендираат?

Алексијоски: Во претпријатието се соочивме со недостаток од стручен кадар и еден од начините за да го решиме проблемот беше и одлуката за доделување на стипендии за студирање за студиските програми кои сметавме дека ни се најпотребни. Првите апликации почнаа да пристигнуваат, конкурсот се ` уште трае, висината на степендијата изнесува 10 илјади денари месечно, а се однесува на студиските програми во високото образование од градежна, хидро-градежна струка  и архитектура.

cornerbistro-novoЕмисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес